„Штрковите“ ја добија првата меч топка за Еврокупот

Кошаркарите на МЗТ Скопје триумфираа на првата од последните три пресметки во регионалната АБА лига во која го бркаат шестото место на табелата кое носи излез во Европа. Тимот од Аеродром беше подобар од босански Широки со 82:71.

Избраниците на Зоран Мартич не го почнаа добро мечот пред две илјадната публика во „Борис Трајковски“ и беа во негатива скоро до крајот на првиот период. Во последната минута успеаа да стигнат до пресврт и по првите 10 минути имаа 21:20.

Минималното водство во втората четвртина МЗТ тешко го одржуваше. На стартот гостите уште еднаш стигнаа за момент до минимална предност и потоа уште два пати го израмнуваа резултатот. На полувреме „Штрковите“ водеа 43:39.

Нашиот претставник во Јадранката лига тргна пожестоко во вториот дел од средбата и по 4 минути игра влезе во одлична серија од 11:2 за прва двоцифрена поредност на мечот која изнесуваше +10. При крајот на третата четвртина го загубија ритамот, а гостите намалија на -1, но Стојановски и Маринковиќ реализираа важни поени во финишот за 59:54.

Кошаркарите на МЗТ во последната четвртина направија многу важна серија од 13:3 која им ја донесе највисока предност на мечот од 74:62, клучна за победата. Широки беше немоќен и успеа да намали најмногу на -8, а на крајот резултатот изнесуваше 82:71.

Најзаслужен за триумфот на тимот од Аеродром беше Маринковиќ со 20 поени, а Синовец постигна 13.

До крајот на сезоната во АБА лигата МЗТ наредното коло и гостува на Црвена Ѕвезда во Белград, а последниот меч го игра пред своите навивачи против Раднички,

15 март 2014 - 20:53