Што договара НБА за рестарт на сезоната?

Фудбалските клубови ширум светот на големо ги започнаа тренинзите во помали групи, а во НБА само три тима ги отворија салите за своите играчи, но уште нема јасен сигнал за нов почеток.

НБА лигата се уште јавно не се огласила за плановите за рестарт на лигата по нејзиното суспендирање на 11. март поради глобалната пандемија со КОВИД-19.

Нема никаква програма за тоа кога екипите би се вратиле на тренинг, уште помалку некаква најава за натпревари. Неофицијално за тренинг салите ги отвориле Денвер Нагетс, Портланд Трејлблејзерс и Кливленд Кавс).

Приватно, комесарот Адам Силвер и неговите соработници во седиштето на НБА разговарале за неколку сценарија околу тоа како пандемијата со КОВИД-19 ќе се одвива и ќе влијае на лигата.

„На луѓето им е тешко да ја разберат флексибилноста која што Адам (комесарот Силвер) ја има. Тој нема потреба да донесе одлука додека нема информација каде сме како земја и каде НБА е како лига“, вели извор кој е запознаен со дискусиите во канцеларијата на комесарот.

Во претходните недели се соопштија бројни планови, проверени и непроверени, за тоа како и кога да се доигра сезоната 2019/2020 или да се прекине целосно.

Вистината е дека се од ова е можно. НБА уште нема јавно соопштено ништо, затоа што сè е отворено на маса. Многу извори блиски до Силвер велат дека тој и неговиот тим имале „дрво на одлуки“ коешто би требало да ја поведе НБА.

Постојат неколку варијанти:

- Ако е безбедно, лигата се надева дека може да ја доигра регуларната сезона и потоа плејофот со сите 30 тима.

- Ако рестартот на регуларната сезона и натаму се чека, тогаш натпревари од регуларната сезона кои треба да се доиграат, ќе бидат откажани.

- Ако целата регуларна сезона се откаже, тогаш НБА би продолжила со плејоф каде би играле 16 тима.

- Ако е потребно, НБА би можела да го скрати плејофот на три добиени меча во раната фаза, или пак да ги врати натпреварите со реванш (кој прв до две добиени), за побрзо да го заврши плејофот.

„Одговорноста на лигата е да ги испита сите опции за враќање на паркет сезонава“, вели шефот на комуникации во НБА Мајк Бас за The Ringer.

Раководството на НБА смета дека колку што е фрустрирачки за навивачите, за тимовите и играчите да бидат во лимбо, толку е и рано да се закаже рестарт на сезоната.

Светот се менува од ден на ден, од недела во недела. Многу држави ги ублажуваат мерките и НБА тимовите се обидуваат да решат кога да ги отворат своите сали и терени за своите играчи сега откако лигата нареди стриктни безбедносни протоколи.

ДАЛИ ТИМОВИТЕ КОИ НЕМААТ ШАНСА ЗА ПЛЕЈОФ БИ ИГРАЛЕ ПАК СЕЗОНАВА?

Вориорс дефинитивно одамна немаат шанса за плејоф. Кливленд Кавалирс и Атланта Хокс се исто многу далеку пласман во плејофот, како и многу други екипи, како Тимбервулвс и Пистонс.

Некои сметаат дека нивните сезони се готови, завршени. Некои играчи пак сакаат да се вратат на теренот и покрај сè.

Еден друг службеник од Западната Конференција рекол дека иако НБА не им праќа порака на франшизите кои се без шанси дека нивната сезона е готова, сепак мислат дека лигата нема да има доволно време и ресурси да ги однесе сите 30 тима на една локација да ја догираат сезоната.

„Сакаме да завршиме што е можно поскоро. Ако се вратиме на терен, тоа ќе значи подготовка за следната сезона. Нашите играчи сакаат да се вратат на паркет, но организациските тела не сакаат нивно враќање и ризик од повреди сега кога веќе гледаме во следната сезона“, вели тренер на тим од Источна Конференција.

Во секој случај, доколку има можност регуларниот дел од сезоната да се доигра, ќе се доигра. НБА има договори со регионални спортски мрежи за пренос на натпревари од регуларниот дел.

Кога ќе се исполни квотата од 70 пренесувани натпревари, лигата 100% ќе ги задржи приходите, освен тимови како Лејкерс кои имаат per-game договори со Спектрум СпортсНет.

НБА треба да одлучи дали е подобро сите 30 тима да ја доиграат сезоната и да се добијат приходите од тв правата а притоа да го скрати плејофот. 

Од друга страна друг извор запознаен со плановите за продолжување вели:

„Првиот меч по враќањето најверојатно ќе биде плејоф натпревар. Тоа е реален епилог, затоа што тестирањето се уште не е нашироко достапно во САД и само три тима ги отвориле вратите за тренинг на играчите под строги мерки. Ако се ограничи бројот на тимови до 16, тоа значи дека ќе треба и помалку тестови, помал ризик од зарази и помалку потребно време сезоната да се комплетира“.

11 мај 2020 - 12:46