Долгогодишниот француски селектор Венсан Коле ќе подразмисли дали да продолжи да ги користи социјалните мрежи, откако се објави подолг коментар којшто имаше навредлива содржина. Револтиран од неуспехот на селекцијата домаќин, Коле напишал дека Шпанците биле допингувани како свињи. Шпанија го освои Евробаскетот, откако убедливо во финалето ја совлада Литванија, а претходно беше подобра од Франција после продолженијата.
Меѓу другото, во коментарот стои и дека Франција по својот квалитет сигурно заслужила да го освои Евробаскетот. Коле ги споменува и атлетичарите Хусеин Болт и Џастин Гетлин. Специјализираниот кошаркарски портал Спортандо пишува дека е потврден дека профилот бил на Коле и дека му го хакнале.
Во меѓувреме се огласи и селекторот на Србија, Александар Ѓорѓевиќ кој денес изјави дека кошарката денес не се игра само на паркетот, туку и надвор од него. Сале Ѓорѓевиќ додаде и дека Тони Паркер по мечот за третото место меѓу Франција и Србија му пришол на Милош Теодосиќ и му рекол „Колку време играш по првенствава, а воопшто не те почитуваат судиите“.