Олимпијакос го забележа и вториот пораз по три одиграни кола во Топ 16 фазата од најелитното европско кошаркарско натпреварување. Овој пат, по вистински дерби натпревар, тие загубија на гостувањето кај Барселона.
Во првото полувреме кошаркарите на Олимпијакос имаа големи проблеми во организација на играта, па домаќините го контролираа текот на мечот и постојано одржуваа предност. На паузата помеѓу двете полувремиња Барселона замина со водство од 41:32.
Клучниот играч на Барселона, Хуан Карлос Наваро се повреди и се повлече во третата четвртина, но и тоа не им помогна на Олимпијакос.
Олимпијакос и Перо Антиќ се разбудија дури во последната четвртина. Антиќ постигна три тројки, а неговиот тим успеа да намали на -6 (74:68), но тие немаа сили за ништо повеќе и на крајот загубија со 76:68.
Перо Антиќ постигна 9 поени (сите во последната четвртина), а имаше и 3 скока и по 1 украдена топка и блокада.
Најефикасен на натпреварот беше Анте Томиќ од Барселона со 15 поени, а Принтезис од Олимпијакос постигна 14 поени.