За да се изнагледаме млади македонски кошаркари, Центарци одлучија да ја поканат публиката во Градски Парк, со сезонска влезница од 500 денари. Картата ќе важи за сите натпревари во сезоната, а секој сопственик на сезонска влезница ќе има нумерирано место во салата.
Од клубот информираа дека картите ќе може да се набават следната недела од вторник, преку страните МК Тикетс, Тикет плус и на благајната во салата Градски парк.
Промотивната акција сезонска карта за 500 денари ќе трае до 30 октомври, кога поединечните влезници за еден натпревар ќе чинат 100 денари.
Одличниот настап во полуфиналето на домашниот Супер куп против Кожув уште повеќе ги заинтересира навивачите на Работнички за изгледот на новиот состав. Тренерот Марин Докузовски заедно со управата реши клубот да оди во нова насока, со млади кошаркари кои ќе го изнесат теретот на сезоната заедно со ветеранот Димитар Мираковски кој е капитен на екипата.
„Работнички идната сезона ќе настапи со млад тим и тоа со македонски играчи. Целта ни е да ја подмладиме екипата, а воедно ќе ја засилиме работата со подмладокот. Планираме нашата младинска школа да биде расадник на нови репрезентативци и воедно да биде двигател на најтрофејниот клуб во Македонија. Во новиот шампионат нема да атакуваме на титула, бидејќи сметаме дека конечно треба да се поработи на внатрешната состојба на клубот, а за титули има време. За нас успешна сезона ќе биде доколку успееме во планот за подмладување на екипата и зајакнување на младинската школа. Само со таков Работнички може да ја вратиме гордоста на Скопје", изјави Гапиќ за интернет-порталот Спортклуб.
Задолжен за работата на младинските категории е Тодор Гечевски, а токму овој сектор би требало да промовира играчи за првиот тим. Работнички новата сезона ја отвора вечерва на гостувањето во Гевгелија против Кожув, а во второто коло во Градски парк ќе го пречека тимот на Бест на 17-ти октомври.