Романскиот наследник на Мурешан јаде по 7 оброка на ден

За Роберт Боброцки, детето од Романија високо 230 сантиметри пишувавме пред две години. Во меѓувреме не само што се извишил уште, туку и јаде по седум пати на ден. 

Роберт Боброцки никогаш не играл во некое средно училиште во САД, но таму веќе се спремни за неговото доаѓање преку океанот. Боброцки игра за тимот на Стелаѕура во категоријата до 16 години. Стелаѕура е кошаркарска академија од Рим.

Боброцки со својата импресивна висина лесно доминира над врсниците кои треба да се качат на скала за да пробаат да „го залепат“.

Романецот веќе е повисок од секој играч во НБА во моментов и само е прашање на време кога ќе заигра за некој поголем европски клуб. Позитивни карактеристики му се шутот, додавањата во рекетот и блокадите, но му недостигна мускулна маса.

Во академијата каде што игра Боброцки, првите кошаркарски чекори ги направил и некогашниот прв пик на драфтот во НБА, Италијанецот Андреа Барњани кој заигра за Тороно Репторс. Боброцки веќе има неколку настапи за младинските селекции на Романија а кошаркаските стручњаци тврдат дека тој има талент, на страна од тоа што е страшно многу висок.

Докторите за него рекле дека нема никакви генетски проблеми и дека неговата мускулатура ќе може да се развива нормално. Пред две години Боброцки раскажа дека јадел по две големи порции паста, а годинава стигнал и до седум оброци дневно. Во текот на денот има два тренинзи, мора многу и да го одмора своето тело поради што легнувал на спиење во 21 часот навечер. Живее практично спартански.

За доручек јаде јајца и сланина во големи количини, но и близу половина килограм теста. Претпладне има и две ужини најчесто витамински салати. Попладне руча големи количини зеленчук и месо, оди во вежбална, ја вежба мускулатурата, а навечер јаде месо и десерт.

Боброцки јадел по рецепти кои биле применувани за Јао Минг, неговиот идол од кого уште сега е многу повисок. Најчесто го споредуваат со неговиот сонародник Ѓеорге Мурешан кој беше атракција на времето во НБА, но Боброцки е многу поталентиран од него, повеќе работи на техниката и со кошарка се занимава од мали нозе.

 

29 септември 2016 - 15:54