Две последователни серии го одбележаа стартот на мечот. Првата на нашите кошаркари кои поведоа со 7:0 по првите 3 минути, а потоа со уште подобра серија од 10:0 возвратија Босанците. Првата четвртина заврши со 16:15 за селекција на БиХ.
Избраниците на Алеш Пипан имаа подобар шут од поле за разлика од противникот, но преголемата желба за три поени доведе до катастрофална реализиција 2/14 во првиот дел. Резултатот беше постојано тесен со минимална предност на босанската репрезентација и на полувреме беше 29:28.
Работите конечно тргнаа во наша полза во третата четвртина која ја добивме со 17:12 и предност од 45:41, но благодарение на само двајца наши кошаркари Перо Антиќ и Бо Мекејлеб кои заедно постигнаа 16 поени во тие 10 минути.
Тотално неизвесна кошарка се играше во последната четвртина во која резултатот беше постојано израмнет, како во поголемиот дел од натпреварот. Недостасуваа кошевите на браќата Стојановски кои имаа само по 2 поени, а не им одеше шутот ниту на Илиевски и Гечевски.
На 3 минути до крајот на мечот Гечевски направи две последователни грешки во напад, а Босанците влегоа во серија од 10:0 и водеа со +8. И покрај одличната партија на Антиќ (17 поени и 7 скока) и Мекејлеб (19 поени и 6 скока), двајцата наши репрезентативци почнаа да грешат и од линијата за слободни фрлања, а конечниот резултат беше 62:54 за босанката селекција.
Составот на Пипан разочара и потфрли со играта во четвртата пресметка на шампионатот во Словенија со само 54 постигнати поени, 12 мизерни проценти во обидот за три поени и помалку скокови од противникот.
На ред е утрешната последна пресметка во групната фаза против селекцијата на Летонија на која е потребно висока победа со минимум 10 разлика, но треба да чекаме и победи од Србија и Литванија.