Првиот пик уште нема дадено кош од поле

Кошаркарите кои биле бирани како први прикови на НБА драфтот секогаш имале тежок почеток на сезоната, но најверојатно никој не бил толку ужасен како Ентони Бенет кој и по четири натпревари се уште нема постигнато ниту еден поен од поле.

Првиот пик на драфтот за 2013-та година во НБА лигата, Ентони Бенет се уште нема погодено од игра. Во неговата НБА кариера до сега има постигнато само два поени на четири натпревари, но тие беа реализирани од слободно фрлање.

На овие четири одиграни натпревари тој има една голема нула од 15 обиди од поле. Дури и тренерот Мајк Браун почна да ја губи довербата во него и му ја намалува минутажата. На првиот натпревар одигра 15 минути, на следните два по 13, а на последниот натпревар против Минесота на паркетот помина само 10 минути.

Сите беа изненадени со изборот на Кливленд кога за прв пик на драфтот се одлучија за Бенет наместо Нерленс Ноел или Виктор Оладипо. Јавноста и медиумите беа шокирани со нивниот избор, по што нефаворизираното крило се најде под голем притисок и неговиот старт на сезоната беше далеку од идеален.

Сезоната само што започна и се уште е многу рано да се донесат било какви заклучоци, но медиумите веќе почнаа да му прават притисок, а неговиот одговор беше „Се чувствувам како некој да ми го затворил кошот со капак".

5 ноември 2013 - 15:20