Последната минута од мечот на Сан Антонио против Јута Џез пред неколку дена, се растегна скоро на половина час во реално време, а гледачите на трибините во арената ATT Center во Сан Антонио го поминаа тој половина час стоечки.
Овој меч не решаваше многу и резултатски не беше којзнае колку важен за франшизите. Јута Џез се бори за највисок пласман пред плејофот, а Сан Антонио се обидува да стигне макар до последното место кое води во таканаречениот плеј-ин, нов систем од неодамна.
Но овој натпревар од аспект на НБА историја беше и тоа како важен и посебен.
Во случај на победа на Спарс, тренерот Грег Попович стануваше лидер по бројот на победи во историјата на НБА лигата. Популарниот Поп успеа да слави и да го урне рекордот на Дон Нелсон кој беше прв тренер со 1.335 победи во кариерата.
Првата од неверојатните 1.336 победи Попович ја забележал во својот трет меч на местото главен тренер, само една недела откако самиот себе се назначил на позицијата генерален менаџер на Спарс и тренер. Претходно го отпуштил претходникот Боб Хил кој имал 15 порази на стартот и само 3 победи.
Тоа беше декември 1996-та година кога лидер на тимот уште беше Дејвид Робисон кој само десет дена откако Попович стана тренер, ја скршил ногата и го немаше до крајот на сезоната. Сан Антонио Спарс падна на дно на табелата, Грег имаше очаен учинок 17-47 и ама баш никој не би рекол тогаш дека во следните 25 сезони Попович ќе освои дури 5 шампионски титули и ќе постави многу рекорди во НБА.
Но треба да се знае дека првата победа во улога на главен тренер во НБА Грег Попович ја имал многу порано пред 1996-та година. Но тој триумф не му го важеле.
КАКО ПОЧНАЛА ГОЛЕМАТА КАРИЕРА НА ПОП?
Уште во играчката кариера, идните тренерски великани Грег Попович и Лери Браун се запознале на паркетот. Поп ја претставувал репрезентацијата на Воздушните сили на Армијата на САД на еден турнир на кој играла и олимписката селекција на Американците. Лери Браун тогаш ја завршувал играчката кариера, собирал тренерско искуство и почнал како тренер-волонтер во олимписката база.
Но Лери Браун го елиминирал Грег Попович од репрезентацијата на САД, а неколку години подоцна кога станал тренер на Денвер повторно не го одбрал Поп за тимот на Нагетс. И покрај тоа, останале во добри односи и израснале од исто тренерско стебло:
Боб Спир го тренирал Попович во Академијата на Воздушните сили на армијата на САД (асистент на Спир му бил Хенк Иган кај кого Попович подоцна ја добил првата тренерска работа). А Лери Браун играл и подоцна бил асисент на Универзитетот Северна Каролина кај големиот Дин Смит кој исто му бил помошник на Спир во Академијата на Воздушните сили на армијата.
Лери Браун продолжил да ја следи работата на Попович како тренер на селекцијата на Воздушните сили на Армијата и во Помона Питцер. Во 1986-та Браун го викнал Грег да му биде помошник во тимот на Универзитетот Канзас. Во 1988-ма вечниот Лери пак сменил работно место и пак го викнал Грег Попович со себе. Во Сан Антонио Спарс.
Така Грег станал асистент во НБА лигата.
Лери Браун уште во пред-сезоната им го дал тимот на своите помошници тренери. Прво од здравствени причини, Лери Браун имал проблеми со крвните садови. Второ, темпераментниот Браун знаел дека нема да може да ги издржи сите 82 меча во сезоната без расправии со судиите.
„Обично пропуштам еден подготвителен натпревар зошто знам дека еден ден во текот на сезоната ќе бидам исфрлен од клупата од судиите. И сакам да им овозможам на помошниците да стекнат искуство со водење на тимот“, рекол легендарниот тренер Лери Браун.
До почетокот на сезоната здравјето на Лери Браун се вратило во нормала, но предвидувањето му се остварило. Таа сезона бил многу нервозен, повеќе од вообичаенеото па клубот често губел а тренерот јавно се спорел со управата.
Најголема мака после таква катастрофална сезона била дали најдобриот играч во екипата, високиот и снажен Дејвид Робинсон ќе сака да остане кај Спарси.
Овој центар го потпишале во далечната 1987. година на драфтот но после две одлични сезони решил да служи во базата на воената морнарица на САД. Во 1989. година стекнал право да стане слободен играч и да потпише со кој било клуб.
Генерално во Сан Антонио имало доволно проблеми. Но никогаш претходно ни никогаш после, тимот на Лери Браун не губел така многу, со само 21 победа во сезоната. А еден од тие 21 триумфи не е на Лери.
Во март 1989, пред крајот на сезоната, Сан Антонио Спарс биле на дното во лигата и играле против Вашингтон кој со Бернард Кинг се борел за влез во плејофот. А кај Спарси играл уште еден Кинг, помладиот брат на Бернард, Алберт, кој бил повреден.
На средината на тој натпревар Лери Браун пак бил испровоциран од некоја судиска одлука, се скарал со судиите кои му досудиле техничка лична грешка и го истерале надвор од теренот. Екипата ја презел помошникот на Лери Браун, Грег Попович кој шест месеци претходно работел во трета дивизија на студентска кошарка.
„Откако Лери го исклучија, се собравме некако и почнавме да играме поинтензивно“, раскажал Елвин Робертсон кој бил лидер на тимот.
Од нерешено на крајот Спарси го растуриле Вашингтон. Постигнале 130 поени и Грег Попович ја забележал првата победа во НБА кариерата како тренер.
Но не му ја важеле. Во НБА, за разлика од НФЛ и НХЛ, сите победи одат на сметка на главниот тренер без разлика дали тој присуствувал или не на мечот.
И самиот Грег Попович исто добил неколку победи од вкупните рекордни 1.336 на сметка на водење од неговите помошници од Мајк Буденхолцер па се до Еторе Месина кои ги носеле Спарс до триумф кога Грег бил исклучен од судиите или пропуштал меч од здравствени или други причини.
Поради ова чудно правило пред неколку години се случи интересен настан. Стив Кер, тренерот на Голден Стејт Вориорс пред стартот на сезоната 2015/2016 го оперирал грбот па неговиот помошник Лук Волтон беше привремено промовиран во главен тренер.
И за некое чудо Вориорс прават луда серија од 24 победи и 0 порази по стартот од сезоната. Волтон беше избран за тренер на месецот во НБА но официјално оваа награда ја доби без да му се сметаат победите само затоа што бил помошник тренер а му се припишуваат на главниот тренер.
Сите натпревари победи и порази на Волтон таа сезона (39-4) отишле на сметка на Стив Кер кој на крајот од сезоната ја доби наградата Тренер на годината иако го тренираше тимот помалку од пола сезона и де факто победил помалку натпревари од Волтон.
Интересно Грег Попович има и една победа во Спарс која не му ја сметаат зошто бил помошник а има и таква во Голден Стејт Вориорс каде исто му бил асистент на Лери Браун. Пеп еднаш го заменувал Браун откако овој бил исклучен поради приговор на мечот со Орландо Меџик во кој играа Шек и Пени Хардавеј.