Почнува јубилејна 75. сезона во НБА - што е најважно, кој е фаворит, а кој ќе проба од сенка?

Ноќта меѓу вторник и среда, на 20 октомври со дербито Бакс - Нетс почнува сезоната 2021/2022 во НБА. Лигата се враќа посилна отколку во претходните неколку години. Неколку екипи направија ѕвездени состави и се очекува спектакуларна сезона.

Најголемите фаворити за титулата во НБА се базираат во Лос Анџелес и Њујорк, но вредниот пехар и прстени би можеле лесно да отидат кај најмалку пет други клубови кои чекаат од сенка.

Регуларниот дел кој ќе има 82 меча почнува на 20 октомври и предвидено е да се игра до 10 април 2022. Од 12-15 април 2022 ќе се игра новоформираниот турнир Плеј-ин кој навивачите добро го прифатија минатата сезона. Плејофот во НБА ќе се игра од 16 април до 30 мај а големото финале е закажано од 2 јуни до 19 јуни 2022.

ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА ВО НОВАТА СЕЗОНА?

Бруклин Нетс и Лос Анџелес Лејкерс важат за најголеми претенденти за титулата, но има големо но.

Бруклин е фаворит број 1, 72% од генералните менаџери во НБА пред стартот на сезоната прогнозирале титула за тимот предвиден од Стив Неш. На Лејкерс му дале шанси 17% од испитаниците.

Но оваа анкета е спроведена пред отстранувањето на Кајри Ирвинг од екипата поради тоа што одби да се вакцинира. Бруклин мораше брзо да се справи со оваа голема загуба и сега во екипата го нема веќе „Големото трио“, туку дует на суперѕвезди - Кевин Дурент и Џејмс Харден.

Но Нетс има неверојатна длабочина во составот: Ламаркус Олдриџ, Пол Милсеп, Патрик Пети Милс, Џо Харис, Блејк Грифин. Сите овие кошаркари важат за многу искусни и би требале да го носат фаворитот до врвот.

Отсуството на Ирвинг би можело да се почуствува само доколку во плејофот Стив Неш би останал без некој од лидерите на тимот (Дурент или Харден).

ЛЕЈКЕРС СТАНА СОБИР НА ПЕНЗИОНЕРИ, АМА МНОГУ СЕРИОЗНИ ПЕНЗИОНЕРИ

Возраста на составот е главен сомнеж кај Лејкерс. Кармело Ентони (37 години), Тревор Ариза (36), Двајт Хауард (35), Ражон Рондо (35), одамна го поминаа пикот на кариерата и не треба да се очекува дека ќе играат како во раната младост.

Леброн Џејмс и натаму е на високо ниво иако има 36 години, но постепено и тој крева рачна. Тука е 32-годишниот Расел Вестбрук кој е помлад од соиграчите, ама не баш така млад.

Покрај тоа, кошаркарите на Лејкерс се осетливи на повреди. Во предсезоната од строј испаднале Тејлен Хортон-Такер, Тревор Ариза и Малик Монк. Монк треба да се врати на паркет во октомври но Ариза и Хортон-Такер нема да можат да им помогнат на колегите најмалку еден месец.

Проблеми имал и Вејн Елингтон, Кент Бејмор и Кендрик Нан. Ентони Дејвис, можеби главниот играч на тимот, избегнал одење во амбуланта пред сезоната но позната е неговата склоност кон повреди.

Лејкерс има искусен но премногу ранлив состав. Екипата на Френк Вогел ги изгуби сите 6 мечеви пред-сезоната. Овие натпревари немаат некое големо значење но алармот е уклучен. Потенцијална загуба на Леброн или Дејвис па и Вестбрук би значел сериозен удар на долги патеки во регуларниот дел со последици ниско место пред плејофот.

Минатата сезона „езерџиите“ испаднаа од Феникс Санс (2-4) во првото коло од плејофот.

НАЈМАЛКУ ПЕТ ЕКИПИ МОЖЕ ДА СЕ ЗАМЕШААТ ВО БОРБАТА ЗА ТИТУЛАТА

Денвер Нагетс, Феникс Санс, Јута Џез, Милвоки Бакс и Филаделфија Сиксерс се најсилни франшизи во Западната и Источната конференција со потенцијал да ги урнат Нетс и Лејкерс во плејофот.

Денвер сезоната ја почнува без нивниот главен плеј Џамал Мареј чие враќање во тимот по сериозната повреда на лигаментите е предвидено за почетокот на 2022 година. Но Нагетси имаат цел да бидат лидери на Западот како во голем дел од изминатите сезони.

Го имаат лидерот и МВП во НБА минатата сезона, Никола Јокиќ, неверојатниот талент Мајкл Портер-џуниор и одличниот Арон Гордон чие ниво оди кон ѕвезден статус. Љубителите на НБА велат дека ова „Големо трио за сиромашни“ би можело многу сезонава особено кога ќе им се придодаде и Мареј.

Во екипата има одлични кошаркари кои би можеле да пружат голема поддршка: Остин Риверс, Факундо Кампацо, Вил Бартон, Монте Морис, Џеф Грин - сите квалитетни споредни играчи за тренерот Мајк Мелоун. 

Денвер стигна до финалето на Западна конференција во 2020 година и е намерен да оди подалеку сезонава.

Феникс е настроен да се реваншира за поразот во големото НБА финале 2021. Крис Пол, Девин Букер, ДеАндре Ејтон и Микал Бриџис се клучни играчи на Санс кои останаа на истото место.

Ејтон не го доби посакуваниот максимален договор но ќе има уште една сезона да докаже дека вреди толку.

ЈУТА ЏЕЗ

Со Руди Гобер, Донован Мичел, Џордан Кларксон и Бојан Богдановиќ и предводени од сјајната бучна публика, „џезерите“ веруваат дека ги имаат сите предуслови за успех во плејофот. Не е исклучено дека конечно тимот на Квин Снајдер ќе оди до финалето на Западна конференција.

МИЛВОКИ БАКС

Актуелниот НБА шампион и владетел на титулата е тим кој секој мора да го респектира. Јанис Адетокунбо, Крис Мидлтон и Џру Холидеј се ментално посилни од сите конкуренти во лигата. Можеби на хартија Бакс имаат послаб состав од Бруклин Нетс но тоа не значи дека момците на Мајк Буденхолцер не се способно уште еднаш да ги разбијат Нетс во плејофот како минатата сезона.

ФИЛАДЕЛФИЈА СИКСЕРС

Управата на ’76 не му ја исполни желбата на Бен Симонс да го трампа во друга франшиза, но 25-годишниот Австралиец го прекина својот бојкот и се врати во екипата зошто не сака да остане без 15 милиони долари ако ја пропушти сезоната.

Односот на Бен Симонс со другата главна ѕвезда на тимот, Џоел Ембид е нарушен а не е во добри односи ниту со другите соиграчи. Тренерот Док Риверс смета дека како ќе одминува сезоната и низ натпреварите, се ќе си легне на своето како минатата сезона.

Претседателот за кошаркарски операции на Филаделфија, Дерил Мори рекол дека Симонс нема туку така да добие дозвола да замине од клубот и сакаат порано или подоцна да добијат голема компензација за него.

ШТО Е СО ОСТАНАТИТЕ?

Лос Анџелес Клиперс, Голден Стејт Вориорс, Далас Маверикс, Атланта Хокс, Бостон Селтикс, Чикаго Булс и Мајами Хит се солидни екипи кои од сенка ќе се обидат да урнат некој од фаворитите.

ЛА Клиперс би можел да се двои од сите од нив да не беше повредата на суперѕвездата Кавај Ленард кој ги повреди лигаментите во јуни за време на плејоф серијата со Јута Џез и ќе паузира најмалку 9-12 месеци. Тој и да заигра сезонава, во најдобар случај тоа би било дури на крајот од регуларниот дел, таму некаде на средина од април.

Сопственикот на Клиперс Стив Балмер немал никаков проблем со тоа Кавај под исти услови на договорот да закрепнува од повредата сезонава и свесен е дека може да го нема цела сезона.

Пол Џорџ ќе треба да понесе поголем товар на грб зошто Ленард ќе го нема, а поддршка ќе бидат Ерик Бледсо, Реџи Џексон, Теранс Ман, Никола Батум, Серж Ибака...

Голден Стејт во моментов може да смета конечно на услугите на Клеј Томпсон кој верувале или не последен пат на пакретот беше пред цели 2,5 години - во финалето на НБА 2019 против Торонто Репторс.

Клеј сигурно полека ќе влегува во форма а рамо до рамо за поддршка ќе му бидат Дрејмонд Грин и Стеф Кари. Тренерот на екипата Стив Кер кој наскоро ќе биде промовиран и во селектор на САД, верува дека со младите таленти како Џејмс Вајмен, Џонатан Куминги и Мозес Муди ќе можат да го повторат успехот од лани кога од нигде никаде стигнаа дури до плеј-ин.

Далас Маверикс повторно најмногу очекува од Лука Дончиќ иако две сезони по ред испаѓаат од ЛА Клиперс во плејофот. Предводени од Џејсон Кид и сезонава целта им е што подалеку да стигнат во разигрувањето. Кристапс Порзингис уште не докажа дека може да ги исполни очекувањата.

Латвиецот беше незадоволен долго време и бараше трампа, но по оставката на Рик Карлајл и доаѓањето на Џејсон Кид, решил да остане. Поддршка ќе имаат и од Тим Хардавеј кој во август 2021 година реши да го продолжи договорот на 4 години за 75 милиони долари.

Атланта Хокс беше пријатно изненадување минатата сезона кога стигна дури до финалето на Источна Конференција. Треј Јанг, Џон Колинс и другарите се надеваат дека најмалку може да го повторат тој успех.

Бостон Селтикс се збогува со Кемба Вокер и договори нов договор за ветеранот Ал Хорфорд. Тренерот Име Удока кој е роден во САД и има нигериски корени го смени Бред Стивенс на местото главен тренер. Стивенс оди во улогата фронт-офис во Селтикс.

Џејсон Тејтум и Џејлен Браун се одлични млади играчи кои веќе имаат големо искуство и останува да се види колку ќе можат заедно со интересниот Денис Шредер.

Мајами во меѓусезона го потпиша Кајл Лоури и ПиЏеј Такер а прашање е дали ќе биде доволно присуството на Џими Батлер и Бем Адебајо за да бидат реален „контендер“ за високо место пред плејофот.

Чикаго Булс има симпатичен состав со Ника Вучевиќ, Зак Лавин, Демар Дерозан и Лонзо Бол. „Биковите“ лесно би можеле да исфрлат некој гиганто од плејофот.

ЕКИПИ СО МАЛИ ШАНСИ И АУТСАЈДЕРИ ОД СТРАНА

Од франшизите кои преостануваат, некако најконкурентноспособни се Портланд Трејл Блејзерс, Индијан Пејсерс и Њујорк Никс. Иако и нив им се даваат минимални шанси за плејофот, можно е да направат изненадување.

Портланд му даде шанса на новиот тренер Чонси Билапс кој ќе се обиде да направи добри резултати со ѕвездата Дамјан Лилард и соиграчите Лери Ненс Џр, Јусуф Нуркиќ, Роберт Ковингтон, Си Џеј Мекалум итн.

Чонси Билапс побара поголемо трпение од сите, но доколку Портланд не тргне добро во сезоната, ништо чудно Лилард пак да бара трампа како пред некој месец кога едвај го убедија да остане.

Во тој случај би можела да се случи трампа со Бен Симонс кој едвај чека да спакува куфери и да замине од Филаделфија.

Индијана Пејсерс го врати Рик Карлајл на местото главен тренер откако го отпушти надежниот дебитант Нејт Бјоркгрен.

Во оваа франшиза и натаму водечки играчи ќе бидат Домантас Сабонис и Мајлс Тарнер, па така за очекување е уште една скромна сезона како лани.

Њујорк Никс сензационално стигнаа до плејофот лани а тимот носен од Џулиус Рендл тешко да го повтори успехот сезонава. Тренерот Том Тибодо верува дека Дерик Роуз, Иван Фурние, Ар Џеј Барет и Кемба Вокер е добра група која му биде силен ветер во грб на Рендл.

Мемфис Гризлис, Сан Антонио Спарс, Њу Орлеанс Пеликанс, Минесота Тимбервулвс и Сакраменто Кингс се екипи од Западна конференција чија цел е да пробаат да се дотркалаат до плејофот. Некој би можел да успее во оваа цел но големи очекувања од овие клубови нема.

Грег Поповиќ треба да извојува 26 победи со цел да стигне до првото место на вечната листа во НБА по број на остварени триумфи во улога на тренер.

Ако ова се случи легендарниот Поп тешко дека би можел да биде достижен во иднина.

Шарлот Хорнетс, Вашингтон Визардс и Торонто Репторс се аналогија на Мемфис, Минесота, Сан Антонио, Њу Орлеанс и Сакраменто од Истокот. Исто и за нив важи дека главна цел е пласман во плејофот па таму што биде.

Оклахома Сити Тандер, Хјустон Рокетс, Детроит Пистонс, Кливленд Кавалерс, Орландо Меџик се тимови чии намери се целосн јасни. Тие ќе играат сезона во која ќе се „борат“ за висок пик на следната лотарија на Драфт догодина. Тешко е да се каже кој ќе биде „најуспешен“ во тој потфат.

19 октомври 2021 - 10:55