Во новата сезона на Евролига 2022/2023 има многу структурални промени, како во самото раководство на турнирот, така и во екипите. Наместо долгогодишниот прв човек на Евролига Жорди Бартомеу ?(22 години беше прв човек на европската клупска кошарка), доаѓа легендарниот Дејан Бодирога кој ја понесе титулата претседател и кој ќе има задача да ја крене најдобрата европска кошарка на уште повисоко ниво и да ги смири работите со ФИБА.
Нов генерален директор кој ќе ја има улогата на алфа и омега во лигата е Маршал Гликман.
Сезонава во Евролига, како и во претходната повторно ќе ги нема руските клубови ЦСКА Москва, Зенит и УНКС поради суспензија, а фаворити за Фајнал Фор според обложувалниците се Реал Мадрид, Барселона, Анадолу Ефес и Милано, но сево ова е во домен на претпоставки. Има многу да се игра и има многу квалитетни други тимови.
Главно прашање е кој како ќе се справи со маратонската сезона, ќе се издржи ли колосалниот притисок и ќе се сочува ли хармонијата во екипите?
ЕФЕС ПИЛСЕН
За двократниот европски шампион по ред, главно прашање е адаптацијата на врвниот Вил Клајберн. Актуелниот првак во Евролига летово успеа да го сочува најдобриот тандем во европската кошарка: Мициќ-Ларкин а ја обновија предната линија (Жижиќ, Полонара, Клајберн).
Иако на Евробаскетот Мициќ и Ларкин беа двајца играчи кои најмногу потфрлија и играа катастрофално, сепак станува збор за играчи кои веќе неколку сезони апсолутно доминираат во Евролига.
Ефес важи за најамериканска екипа во Европа а сега прашање е како ќе се вклопи сјајниот Вили Клајбер кој дојде од руска ЦСКА Москва.
РЕАЛ МАДРИД
„Кралскиот тим“ после цели 20 и кусур години реши да се збогува со легендарната икона на овој клуб, Пабло Ласо кој им донесе еден куп шампионски титули но неодамна доживеа сериозни здравствени проблеми па клубот и покрај тоа што тој сакаше да остане, реши да се раздели со Ласо.
Неговиот долгогодишен помошник Хесус Чус Матео доби животна шанса да го води Реал Мадрид и тој тврди дека може да раководи со овој гигант. А неговата спремност се покажа на дело кога ја зема титулата минатата сезона во судир со Барселона која што ја победи и сега во Суперкупот на Шпанија пред почеток на првенството.
Прво големо засилување за Реал беше одличниот Марио Хезоња кој е своевиден „кошаркарски социопат“ и блеска кога најмалку се очекува од него а традиционално пропаѓа кога го третираат како прва ѕвезда. Хезоња одигра врвно во Уникс Казањ кај Перасовиќ, но после на Европското беше како некој просечен анонимен кошаркар а не најголемо засилување на Реал Мадрид.
Летово најтрофејниот европски клуб го засилија и Џанан Муса и Петр Корнелие а се врати и легендата Серхио Чачо Родригез. Со Серхио Љуљ, Вилијам Гос, Дек, Рендолф, Јабуселе, Поарие и Таварес, Реал на хартија има најсилен тим во последните неколку години.
„Кралевите“ го чекаат и Факундо Кампацо, плејот кој долги години го носеше најголемиот товар и беше најдобар играч на Реал Мадрид пред да се проба во НБА. Доколку дојде, прашање е колку ќе има авторитет како некогаш зошто оваа екипа е одвикната од него.
Реал е уникатен зошто секогаш има практично два состави но голем проблем е што не сите играчи прифаќаат помала улога со помала минутажа. Ласо со години вешто и маестрално го одржуваше тој внатрешен баланс, прашање е сега Чус Матео како ќе успее да се носи со големиот притисок.
БАРСЕЛОНА
Сезоната уште не почната, а во Барса полека трепка црвено светло. Каталонците и покрај предноста од +15, успеаа да изгубат од Реал Мадрид во Суперкупот и уште повеќе ги засилија шпекулациите дека Шарунас Јасикевичиус не е човек за клупата на овој гигант. На Литванецот договорот му истекува следната 2023-та и ова ќе му биде решавачка дали ќе добие продолжување или не.
Никола Миротиќ има повредена Ахилова тетива и непознато е кога ќе се врати, Кори Хигинс исто е повреден а на новиот тим ќе му треба време да се уигра.
Барса доминираше последните години апсолутно во регуларниот дел од сезоната но на Фајнл Фор никако да го направи потребниот чекор.
Сезонава ростерот го засилија одличниот Турчин Шанли, Никола Калиниќ, Јан Весели, Томаш Саторански, Ориол Паули, Мајк Тоби и Оскар да Силва.
КОЈ ДА СЕ СЛЕДИ ОД БЛИЗУ?
Евролига 2022/2023 од индивидуална точка на гледање можно да е најдобра во последните години. Од една страна клубовите успеаа да ги задржат сите ѕвезди од минатата сезона (освен Милутинов и Швед кои поради суспензијата на руските клубови нема да играат Евролига). Во НБА отидоа да се пробаат Фонтекио и Тајлер Дорси, а во Европа во друг правец се вратија Немања Бјелица, Кевин Пангос, Томаш Саторански и (да видиме) Факундо Кампцао.
Најголеми ѕвезди сезонава би требало да бидат: Никола Миротиќ (Барселона), Нандо Де Коло (Вилербан), Торнике Шенгелија (Болоња), Лоренцо Браун (Макаби), Саша Везенков (Олимпијакос), Џанан Муса (Реал Мадрид), Томаш Саторански - Јан Весели (Барселона), Кевин Пангос (Милано), Мајк Џејмс (Монако), Немања Бјелица (Фенербахче).
Од тренерската фела, шаховско надмудрување ќе имаат генијалните Итудис, Жељко Обрадовиќ (Партизан се враќа во Евролига после 9 години), Серџо Скариоло...
КОИ СЕ НАЈПЛАТЕНИ КОШАРКАРИ ВО ЕВРОЛИГА?
1. Никола Миротиќ (Барселона) - 5 милиони долари годишно
2. Шејн Ларкин (Анадолу Ефес) - 4 милиони долари годишно
3. Василија Мициќ (Анадолу Ефес) - 3,3 милиони долари
4. Милош Теодосиќ (Виртус Болоња) - 2,1 милион долари
5. Вил Клајберн (Анадолу Ефес) - 2 милиони долари
6. Мајк Џејмс (Монако) - 2 милиони долари
7. Николо Мели (Милано) - 2 милиони долари
8. Кевин Пангос (Милано) - 2 милиони долари
9. Томаш Саторански (Барселона) - 2 милиони долари
10. Торнике Шенгелија (Виртус Болоња) - 2 милиони долари