Пипан му се одмазди на МЗТ

По двете последователни победи, кошаркарите на МЗТ Скопје не успеаа триумфално да ја завршат 2013 година. Пречката за македонскиот шампион во регионалната лига беше Унион Олимпија кој возврати за поразот во „Борис Трајковски" со 73:62.

Избраниците на Зоран Мартич имаа фантастичен старт на гостувањето во Љубљана со одлични 8:0, а со тројки веднаш распалија Синовец и Чековски. Домаќините имаа одговор во воедните 10 минути и возвратија со серија од 9:0. Првиот период заврши 14:16.

Израмнета кошарка се играше и во втората четвртина. Најпрвин во серија од 8:0 влегоа домаќините, но МЗТ Скопје не дозволи да се одлепат резултатски, го вратија водството во своја полза и на полувремето направија водство од 34:38.

Дебаклот на нашите кошаркари се случи во третиот период кој беше клучен за победата на Словенците, затоа што македонскиот шампион тотално се загуби и постигна само бедни осум поени. 

МЗТ не успеа да погоди во првите три минути во кои Унион Олимпија направи целосен пресврт со серија од 11:00 за висока предност од 45:34. Големиот пад на Аеродромци продолжи, а на крајот на третиот период тоа резултатираше со негатива од 15 коша.

По пет минути игра во последниот период составот на Мартич поддржан од околу 200 верни навивачи притисна со серија од 8:0 и ја стопи двоцифрената предност на Унион Олимопија, но тоа не беше доволно за враќање на неизвесноста.

На отворањето на сезоната нашиот претставник во АБА лигата убедливо ја порази екипата на Пипан со 19 поени разлика, но поранешниот кормилар на Металците му врати на својот довчерашен клуб и не му дозволи да ја заврши годината со серија од три победи во низа.

Најпрецизен во нашиот состав беше Кејв Дејвис со 20 поени, а Дамјан Стојановски постигна 13. На 3 јануари МЗТ на домашен терен го пречекува тимот на Солнок

28 декември 2013 - 20:53