Антиќ во својата кариера дури три пати играше во завршницата на Евролигата и секој пат влегуваше во големото финале кое два пати го доби со Олимпијакос (2012, 2013).
Лани, Антиќ уфрли фантастични 16 поени во финалето против ЦСКА Москва кога Русите за малку ќе прокоцкаа 21 поен предност и на крајот едвај станаа шампиони. Годинава во салата „Синан Ердем“ Перо и неговиот Фенербахче ќе имаат громогласна поддршка од своите навивачи. На Ф4 ќе играат ЦСКА Москва, Фенербахче, Реал Мадрид и Олимпијакос.
Противник на Фенер во полуфиналето ќе им биде Реал Мадрид на 19. мај а финалето е на 21. мај.
Годинава Фенербахче ја преживеа една од најтешките и најдолги сезони во Европа. Дали тоа го прави учеството на Ф4 турнирот уште позначајно?
Пред сè, добро е што се вративме на завршниот турнир по тешкиот регуларен дел од сезоната. Новиот формат уште повеќе ни ја отежна работата. Лично за мене е голема работа да играте на Фајнал Фор две сезони по ред. Имавме доста тешка сезона во Турција, во Купот, во турскиот Суперкуп, каде потрошивме многу енергија.
Имавме подеми и падови, но и неколку повреди, па на крај сме задоволни од пласманот меѓу најдобрите четири екипи на континентот
Што значи титулата освоена во 2012 година за тебе и за твојата кариера?
Се разбира, таа ми носи многу убави спомени. Тоа беше важен момент за мене и мојата професионална кариера. Никој не очекуваше да се натпреварувам во Евролигата, бидејќи претходната сезона настапував во Купот на ФИБА. За само една година јас се најдов во финалето на Евролигата, а победата над ЦСКА Москва е голема работа за мене, моето семејство, мојата кариера и мојата земја. Тоа беше голем чекор во мојата кариера. Таа сезона имавме многу тешки моменти, но се боревме до крај како војници, војниците на Дуда.
Од каде е таа самодоверба да се пласирате без загубен натпревар во четвртфиналето, а да немате предност од домашен терен?
Немаме проблеми околу самодовербата, бидејќи го имаме Жељко Обрадовиќ како тренер и предводник. Тој секогаш знае да ги употреби вистинските зборови за да направи да не бидете опуштени во секоја ситуација и да продолжите да работите напорно. Тимот одигра фантастично против Панатинаикос, а тука беше и Богдан Богдановиќ кој одигра феноменално на двата натпревари во Атина. Среќни сме што го имаме него, тој е голем талент на европската кошарка.
Во полуфиналето се среќавате со Реал Мадрид со кој одигравте фантастични натпревари во текот на сезоната.
Што очекувате на следниот натпревар?
Тоа ќе биде голема битка и ние ќе бидеме подготени за истата, но од моето искуство во ваквите натпревари не е сè во тимот кој го поседувате. На крај победува тој што повеќе ќе се бори тој ден. Ова ми е четврт завршен турнир, па имам доволно искуство да им се спротиставам на Шпанците. Игравме со нив оваа сезона, еднаш ги победивме, еднаш тие нас не победија. На крај, борбата ќе трае до крајот, а во еден натпревар сè може да се случи. Се сеќавате со Олимпијакос на турнирот во Мадрид 2013 година губевме со -17, а на крај победивме со 12 разлика.
Одбраната е заштитен знак за секоја екипа предводена од Обрадовиќ. Што треба да направите за да го сопрете нападот на Реал?
Жељко секогаш има работи кои знае да ги подготви за секој натпревар. Тој ни кажува нови работи на секој тренинг и добро не подготвува за секој следен предизвик. Кога ќе дојде натпреварот против Реал, ние ќе бидеме спремни. Го познаваме нивниот напад, како и високите играчи, кои знаат да предизвикаат проблеми. Тука е и Серхио Љуљ, кој игра неверојатна сезона. Го знам лично, тој е добар човек, но на теренот ние ќе бидеме непријатели и ќе се бориме еден против друг за трофејот.
Твое мислење за второто полуфинале помеѓу твојата поранешна екипа Олимпијакос и ЦСКА Москва?
ЦСКА Москва има подолга клупа за резерви и класа на кошаркари, но од друга страна Олимпијакос има тимска хемија. Двата тима ги чуваат своите кошаркари долги години заедно, што е многу важно во вакви моменти. Имам голема почит за ЦСКА, нејзиниот персонал и тренер, но на крај јас би сакал Олимпијакос да се пласира во финалето.
За првпат ќе играш во тим кој е домаќин на Ф4. Дали тоа ќе има некакво влијание врз вашата игра?
Сигурно дека и тоа ќе биде фактор и ќе ни даде многу енергија. Ако се сеќавате минатата година во Берлин речиси половина сала беше полна со навивачи на Фенербахче. Слушнав дека билетите за нашиот натпревар се распродале за 15 минути. Навивачката група ќе биде нашиот шести играч, а се разбира ние треба да ја искористиме нивната енергија и да ги наградиме со добар резултат. Навивачите ќе бидат тука за да ни помогнат, дури и ако загубиме.
Колкава е мотивацијата да стигнете до трофејот ако се знае дека ви избега за малку минатата сезона?
Не ме потсетувајте на тој момент... Се шегувам. Тренерот Обрадовиќ многу пати нè потсети на таа ситуација и често ни кажува дека сите се сеќаваат на оној кој што ќе заврши прв, а не на второпласираниот. Некогаш победникот го решава скок, напад или 1,3 секунди. Не сакаме да ни се повтори истата ситуација и би сакале да победиме, но не го гарантираме тоа. Гарантираме дека ќе дадеме сè од себе и ќе бориме за да ги наградиме нашите навивачи.
Извор: Хавиер Ганседо, сајт на Евролига.