Перо Антиќ атакува на европскиот трон

Од денес до недела капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Перо Антиќ ќе го има своето прво учество на завршницата на кошаркарската Евролига каде ЦСКА Москва, Барселона, Панатинаикос и Олимпијакос ќе атакуваат на тронот преку фајнал-фор турнирот на Евролигата.

Синан Ердем арената во Истанбул ќе биде домаќин на четирите најдобри кошаркарски екипи во Европа. За квалитетот на фајнал-форот на најелитното европско кошаркарско натпреварување доволно говори и изјавата на Андреј Кириленко кој тврди дека сите учесници на завршниот турнир на Евролигата без проблем би можеле да играат во плеј-офот на НБА лигата.

Капитенот на кошаркарската репрезентација е четвртиот Македонец кој учествувал на фајнал-форот и има шанса да биде првиот кој настапил на финалето, но ќе има многу тешка задача за да стигне до таму. Вечерва во 20 часот во полуфиналето, Олимпијакос се среќава со шампионот од пред две години, екипата на Барселона.

Олимпијакос се смета за аутсајдер, но на клупата го имаат искусниот Душан Ивковиќ, тренерот со кој пред 15 години ја освоија европската титула и без никаков притисок би можеле повторно да приредат изненадување какво што впрочем беше и самиот пласман на завршницата.

Претходно, во 17 часот, на другиот полуфинален натпревар ќе се сретнат Панатинаикос и ЦСКА Москва. Актуелниот шампион Панатинаикос по осми пат во последните 13 години со тренерот Жељко Обрадовиќ ќе учествуваат на завршницата и ќе атакуваат на својата седма титула. Шест титули има и ЦСКА Москва, а оваа година предводени од Кириленко, Теодосиќ и Крстиќ, според многумина оваа екипа е најголем фаворит за освојување на трофејот.

ЕВРОЛИГА

петок:
Полуфинале:
ЦСКА Москва - Панатинаикос 17ч
Олимпијакос - Барселона 20ч

недела:
Натпревар за трето место 17ч
Финале 20ч

11 мај 2012 - 01:32