Одлуката е соопштена утрово, а донесена е од страна на комитетот за итност во МКФ во консултација со членовите на Управниот одбор. Долгогодишниот тренер на Крка е разрешен поради, како што велат од куќата на кошарката, нарушената соработка и недоверба во органите на федерацијата.
Раководните луѓе му се заблагодаруваат на Џикиќ за досегашната работа со националниот тим и му посакуваат сè најдобро во кариерата. Џикиќ минатата година стана селектор на Македонија и без најдобрите играчи од ЕП во Литванија успеа да ја одведе нашата селекција на Европското првенство во Хрватска.
Во пресрет на изборите за претседател на МКФ пред неколку месеци, селекторот Џикиќ изјави дека не завзема ниту една од страните и дека не зависи од него дали ќе остане селектор или не. Откако беше избран за прв човек на федерацијата, претседателот Петар Наумовски изјави дека нема да дојде до смена на селекторската позиција, така што овој потег прилично изненадува особено што до почетокот на ЕП и дуелот со Грција во Загреб има уште 45 дена.
Џикиќ претходно во кариерата работеше како помошник во Минесота и во Партизан, а самостојно ги водеше Крка и Лијетувос Ритас.
Македонските кошаркари во сабота во Охрид ги почнуваат подготовките, а селекторската палка ќе ја преземе Марјан Србиновски. Гостиварецот веќе ја водеше најдобрата машка селекција, а беше тренер и на Работнички и Кожув.