Од кошаркарска легенда до разнесувач на храна

Не е секоја спортска кариера гаранција дека после 15 години играње, потоа следува пензија на 35 и ладење цел живот. На пет европски првенства има играно човеков и е рекордер по број на репрезентативни настапи во својата земја, а сега носи гајби за да опстане.

Приказната доаѓа од БиХ, а во кадар го гледаме Самир Лериќ. Се работи за поранешен босански репрезентативец кој 12 години го носеше националниот дрес и учествуваше на пет европски првенства. Играше и против Македонија во квалификацискиот циклус за ЕП 2003.

Лериќ играше на позиција центар за повеќе клубови како Анкара, Полонија, Пивоварна Лашко, а кариерата ја заврши во 2013-та година во дресот на Босна.

Но и покрај богатата кошаркарска кариера, по се изгледа нема место за него во некој клуб, репрезентација или федерација, па работи нетипична работа за поранешен спортист, како дистрибутер за храна во една сараевска фирма.

„Мислев дека ќе останам во спортот засекогаш, но во овие времиња ништо не може да се предвиди со сигурност. Таму каде што најмногу се снаоѓав за жал ми се затвори вратата, но се отвори друга. Спортски работник тешко може да си дозволи да не работи половина година, како што е случајот со ситуацијата со Ковид 19“, изјави поранешниот репрезентативец.

Добил и ветувања, ама се останало само на збор за рекордерот со 107 настапи за селекцијата на БиХ.

„Само ветуваат нешто, но никогаш немало ништо конкретно. Додека им требаш ве користат, а потоа ви вртат грб“, вели Лериќ кој инаку има диплома за тренер.

27 јули 2020 - 14:22