МЗТ Скопје стартуваше со две победи, потоа нанижа три порази по што тренерот Тодоров си поднесе оставка, а по само два дена на кормилото на тимот и новиот тренер Алеш Пипан го забележа првиот пораз, односно 4-ти во серија за македонскиот кошаркарски шампион во регионалната АБА лига.
Новиот тренер и тимот немаа време за меѓусебно прилагодување, но во периодот кој им претстои ќе имаат доволно време, но и премногу работа за исправање на грешките и подобрување на играта. Повторно еден од главните проблеми беше големиот број на загубени топки (oвој пат загубија 21 топка), а проблем беше и лошата реализација.
Кошаркарите на МЗТ се држеа се до почетокот на втората четвртина кога имаа предност од 30:26, но потоа гостинските кошаркари ги искористија грешките на МЗТ и направија серија со што на полувремето заминаа со предност од 36:47.
На стартот од второто полувреме кошаркарите на МЗТ влегоа со огромна мотивација и со агресивна игра направија серија за израмнување од 47:47, но тоа беше се што сторија.
Од тој момент гостинските кошаркари ја презедоа контролата на играта и бргу направија висока предност. До крајот на натпреварот МЗТ бркаше намалување на негативата, но се што сторија беше доближување до -5 (54:59), а на крајот Црвена Звезда славеше со 60:75.
Најефикасни во редовите на МЗТ беа Гечевски и Чековски со по 12 поени, а кај Црвена Звезда Ракочевиќ и Катиќ постигнаа по 16 поени.
Во следното коло МЗТ Скопје и гостува на екипата на Унион Олимпија во Љубљана.