Нов херојски кош на Мареј за победа, Лејкерси се елиминирани

Денвер Нагетс и Лос Анџелес Лејкерс одиграа нов борбен и многу неизвесен натпревар во плејофот, вкупно петти и последен за Леброн Џејмс и другарите.

Актуелниот шампион на НБА ја продолжува трката во одбрана на титулата откако не им даде многу шанси на Лејкерси кои ги збришаа со 4:1.

И по втор пат во ова нивно соочување, натпреварот го решава Џамал Мареј со победнички поени за конечни 108:106.

Овој пат кошот не го постигна со звукот на сирената и за гостите останаа 3,6 секунди до крај во кои имаа можност за победничка тројка, но Јокиќ го спречи Леброн Џејмс на време и не му дозволи да организира напад. 

Ова беше натпревар со повеќе пресврти, но без предност од двоцифрен број на поени.

Лејкерси на полувреме имаа 53:50 и стигнаа до највисоки +9, но Нагетси одговорија со серија од 21:10 која им донесе водство од 81:79 во последната четвртина, која беше тесна до звукот на сирената.

Јокиќ кој имаше некарактеристични 7 загубени топки, за влакно го пропушти својот 19-ти плејоф трипл дабл и запиша 25 поени, 20 скока и 9 асистенции.

Мареј го заврши мечот како прв стрелец со 32 поени, а Мајкл Портер со 26.

На Леброн Џејмс му фалеше само еден скок за трипл дабл и мечот го одигра со 30 поени, 11 асистенции и 9 скока.

Ова му е најкратко патување во плејофот од вкупно 17, каде има 183 победи и 104 порази, како и 4 НБА титули.

Нагетс, кои минатото лето ги победија Лејкерси во финалето на Западната конференција на патот кон освојување на првата титула, имаат 12 победи во нивните 13 последните соочувања.

Во полуфиналето од Западната конференција ќе се соочат со Минесота Тимбервулфс кој го елиминираа Феникс со 4:0.

Познат е и третиот полуфиналист, а тоа е Оклахома која исто така мина со 4:0 против Њу Орлеанс. За противник го чекаат подобриот од дуелот Далас - Клиперси каде резултатот е 2:2.

 
30 април 2024 - 07:47