Нов формат и многу побогата Евролига

Претседателот на ЦСКА Москва, Андреј Ватутин ја поздрави најавата на американскиот партнер кој сака да стане акционер во Евролигата и за 10 години да вложи најмалку 630 милиони евра.

Нова Евролига, Европска лига, Евролига 2.0, како и да се вика, од следната сезона ќе се смени форматот во најдобрата кошарка на континентот.
 
Од досегашните 24 екипи учеснички, бројот ќе се намали на 16 (од кои 11 однапред познати), нема да има групна фаза туку ќе игра секој со секого по два пати и тоа вкупно 30 кола. Во финишот ќе следи плејоф за осумте најдобро пласирани екипи и на крајот, како и досега Фајнал фор, пишува специјализираниот кошаркарски сајт МВП247.
 
Во меѓувреме постои неизвесност дали во таква ситуација ќе има место за шампионот на АБА Јадранската лига, која имаше сигурно место во Евролигата во последните неколку сезони. Најголемите клубови во Европа и носители на А лиценцата во сегашната Евролига (Реал, Барселона, Макаби, Фенербахче, ЦСКА, Ефес, Лаборал, Армани, Панатиниакос, Олимпијакос и Жалгирис) добро знаат зошто решија да ја одбијат понудата на ФИБА и да ја спроведат во дело идејата за елитна лига, само со друг партнер.
 
Се работи за американската менаџмент компанија IMG, која претежно работи со голф и тенис.

„Заврши едно поглавје во животот на Евролигата. Траеше 15 години, лигата во тој период напредуваше, но сфативме дека е потребен еден нов, поагресивен бизнис модел кој подразбира динамичен календар, укинување на групите, повеќе меѓусебни средби на големите клубови, како и поголема заработка од ТВ правата", изјави претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин после состанокот во Барселона.

Според Русинот, ЦСКА минатата сезона како третопласиран тим заработил од Евролигата 500.000 евра што е навистина мала сума.

„Американската компанија IMG сака да стане акционер во новото натпреварување. Го претстави 10 годишниот план според кој гарантира вложување 630 милиони евра, а во случај работата да тргне, сумата може да биде зголемена на 759 милиони евра. Од тој буџет, 60% ќе поделат клубовите, конкретно помеѓу 36,3 и 49,2 милиони евра по сезона", заклучи милијардерот Ватутин.

Освен 11-те најголеми клубови со А лиценца, Евролига ќе игра победникот на Еврокупот, победникот на квалификацискиот турнир, како и шампионите на три земји. Речиси е извесно дека Германија и Франција се фаворити за две места, а третата виза би требало да ја добие или АБА лигата или ВТБ лигата или Полска, Турција или Италија.