Марк Кјубан секогаш изненадува со некоја негова изјава или реакција, но овој пат контроверзниот газда на Далас Маверикс отиде чекор понапред. Тој планира на следниот драфт да ангажира кошаркарка и во својот тим да ја има првата жена која заиграла на еден официјален НБА натпревар.
Се работи за Бритни Грајнер која има 22 години, висока е 203 сантиметри и има блокирано најмногу (748!) шутеви од било кој играч во машка или женска конкуренција во историјата на колеџ кошарката. Колу за споредба, најдобриот на вечната листа по број на блокади во машка конкуренција има „само" 564.
Многу аналитичаи одамна коментираат дека таа слободно може да се натпреварува во машката колеџ лига, но Кјубан има идеја да ја доведе во НБА.
„Размислувам во вториот круг на драфтот да ја ангажирам Бритни Грајнер. Ако е најдобра, тогаш би ја ангажирал. Сакам да видам дали таа може да успее. Не сакам само да биде член на тимот, туку и да се избори за место во екипата", изјави Кјубан.