Најштосната роденденска честитка до Ибра

Од екипите за кои настапуваше Златан Ибрахимовиќ некои му честитаа роденден, други не, а третите беа најголеми фраери.

Златан вчера наполни 36 години и доби честитки од Манчестер Јунајтед, Милан, Интер и Ајакс. Оние кои го заборавија, а за кој играше се Јувентус, Барселона и ПСЖ.
 
Најмногу зачудува како може да не го испоштуваат парижаните со кои освои 12 трофеи и за 4 сезони постигна 156 гола. Но тие не се битни во муабетов.
 
Ибрахимовиќ во Серија А даде 10 гола против Палермо и Парма, 8 против Фиорентина и Рома, 7 против Лече, Лацио, Ливорно и Сиена, 5 против Киево, Интер и Сампдорија, 4 против Аталанта, Болоња, Каљари, Катанија, Емполи и Реџина, 3 против Џенова и Торино, 2 против Асколи, Бреша, Месина, Милан, Наполи, Новара и Удинезе и 1 против Чезена и Јувентус.
 
Некој фали? Да, тоа е Тревизо кој на Фејсбук напиша:
„Среќен роденден Ибра од страна на навивачите на единствениот тим во Серија А на кој му немаш дадено гол“.

Ибрахимовиќ играше против Тревизо како член на Јуве во сезоната 2005/2006 во меч кој Бјанконерите го добија и го освоија Скудетото, кое подоцна им беше одземено, но него го немаше меѓу стрелците.
 
Мечот заврши 3:1, а стрелци беа Муту, Трезеге и Дел Пјеро. Другиот натпревар кој го одиграа овие две екипи заврши без голови.
 
Јуве, Барса и ПСЖ имаат минус за потегот, а Тревизо си направи одлична реклама и нè потсети дека постои.
4 октомври 2017 - 16:05