Димитрис Јанакопулос, еден од браќата сопственици на атинските „зелени“ е разочаран од кошаркарскиот сојуз на Грција, поради одлуката триумфот на Панатинаикос против Олимпијакос да го регистрира во службена победа на Пирејците.
Во натпревар од 1/4 финалето на Купот, ПАО го победи Олимпијакос 77:76, но поради административни пропусти мораше да испадне од најмасовното натпреварување. Од таа причина, управата на Панатинаикос е бесна на грчкиот кошаркарски сојуз и најави дека клубот ќе ја разгледа опцијата нивниот клуб во иднина да игра во АБА лигата.
„ПАО е најдобриот грчки клуб и ние на лето ќе ја разгледаме нашата позиција во домашната пародија од лига на чело со господинот Јоргос Халвацакис (претседател на грчката лига) и неговата дружина. Не ја исклучувам можност да ја контактираме АБА лигата, и да видиме дали тие повеќе ќе не уважуваат како клуб. Сериозно размислуваме во иднина да настапуваме во јадранското регионално натпреварување“, изјави првиот човек на Панатинаикос.
Како што пренесуваат грчките медиуми, изјавата на Јанакопулос треба да се земе со резерва, затоа што тој и пред три години се закануваше дека ќе излезе од грчката лига, па на крајот остана. Пред три години, Јанакопулос беше бесен поради одложувањето на домашниот шампионат поради нерешените телевизиски права, по што сакаа да заиграат во АБА лигата и да бидат подготвени за настап во Евролигата.