Доста конкретен и ефикасен старт имаа кошаркарите на Вукоичиќ на дебитанскиот настап пред своите навивачи во Еврокупот. Искуството на паркетот веднаш го демонстрираше најускусниот Гечевски кој постигна 7 од првите 11 поени за македонскиот шампион.
Во доста ефикасниот прв период од натпреварот во кој беа постигнати дури 50 коша, МЗТ шутираше одлично од сите позиции, оствари брзи контри и постигна три тројки 3/3 преку Гечевски, Синовец и Марковски за водство од 29:21.
Кошаркарите на МЗТ ја одржуваа предноста во текот и на вторите 10 минути која изнесуваше најмногу 10 коша, а мал пад во играта нашиот претставник на европската сцена имаше при крајот на полувремето кога гостите се доближија на -5. Со звукот на сирената Чековски постигна тројка за водство од 47:39.
Израелците не се предадоа и по три минути во третиот период стигнаа до негатива од само еден поен предност, но расположените Синовец и Гечевски ја вратија предноста на МЗТ од 10 поени разлика 65:55 во која голем удел имаа и двете тројки на Костовски.
Во последната четвртина избраниците на Вукоичиќ имаше проблеми со шутот од линијата за три поени, а на средина од последната четвртина повторно беше нерешено 76:76. Македонскиот состав остана без Чековски кој на околу 2 минути до крајот ја заработи петтата лична грешка, а финишот беше кобен за нашите кошаркари.
Стојановски погоди бунар во обидот за три поени, а во последната шанса промаши и Гечевски. Гостите ги погодија најважните слободни фрлања, а тајмаутот на Вукоичиќ на 2,6 секунди до крајот не помогна МЗТ барем да стигне до реми. Конечниот исход беше 83:86.
Четворица кошаркари во таборот на МЗТ Скопје постигнаа двоцифрен број на поени. Гечевски и Синовец по 17, Костовски 15 и Чековски 12 поени.