Кошаркарите на МЗТ Скопје ја прекинаа одличната серија од три победи во низа на меѓународна сцена. Избраниците на Алеш Пипан загубија со 76:69 од поквалитетниот противник кој ја имаше целосната контрола во текот на целиот меч.
Македонскиот првак го стартуваше мечот во добар ритам и имаше тесно водство се до крајот на првиот период кога Американецот Бост со две тројки го доведе својот тим во водство од 22:18. Дебаклот за македонските кошаркари се случи во втората четвртина и на полувреме гостите направија фантастична предност од 51:30.
Во второто полувреме на паркетот се појави "поинаков" МЗТ кој тргна во огромна офанзива. За само пет минути избраниците на Пипан постигнаа одлични 17 поени од кои една тројка на Дамјан Стојановски и две на Бакиќ, со што предноста на Будуќност изнесуваше само 8 коша разлика.
Тоа всушност беше единствениот период од играта кога МЗТ успеа целосно да доминира против шесткратниот црногорски шампион. Гостите го контролираа останатиот дел од играта и имаа постојана солидна предност за нова победа во регионалната лига. Третиот период заврши 65:54 во корист на Будуќност.
Најефикасен во домашниот состав беше Ѓорѓи Чековски со 13 поени, а Дамјан Стојановски беше стрелец на 11 поени. Во составот на Будуќност, Милошевиќ постигна 14, а Поповиќ 13 кошеви, исто колку и Бост кој постигна три тројки.
Поразот за МЗТ во салата „Борис Трајковски" не зачудува, со оглед на фактот што пред себе имаат тим со богато педигре. Црногорците покрај шесте последователни двојни круни во домашното првенство, во 1999 и 2000 година стигнаа во топ 16 фазата во Евролигата.
Во досегашните 16 кола во АБА лигата „Металците" имаат учинок од 9 победи и 7 порази, а следниот предизвик е гостувањето против Раднички Крагуевац на 14 јануари.