Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб со 14 титули пружи голем отпор во плејофот, но квалитетот на Аеродромци беше пресуден за триумф од 3:1 во финалната серија од големото градско дерби.
Воведните 10 минути од четвртиот финален натпревар беа ефикасни и убави за око. Се играше многу динамична кошарка под двата коша, но по трите грешки во додавања на Соколот, тимот од Аеродром почна да се одлепува. Натпреварот одлично го отворија Гечевски и Чековски, а со тројките на Николовски и Синовец МЗТ оствари водство по првата четвртина од 28:20.
Николиќ ја отвори со тројка втората четвртина, но избраниците на Зоран Мартич набрзина направија серија која им донесе највисоки 14 поени предност. Натпреварот ја загуби динамиката која ја гледавме на стартот. Се играше со многу прекини и кавги во кои судиите го имаа најголемиот притисок.
Највозбудливо и неизвесно беше во третиот период кога со поените на Соколов и тројката на Мираковски тимот од Градски парк стигна до негатива од -7, а потоа за момент успеа да се избори и за водство од 56:55 кое веќе во следниот напад МЗТ го анулираше.
Третата четвртина заврши 61:61 и тоа наликуваше на најава за пеколни последни 10 минути на мечот во кои Работнички ќе се бори за мајсторка, но актуелниот шампион тоа не го дозволи и постојано беше во водство кое ниту за момент не им беше загрозено.
Со серијата од 5:0 МЗТ оствари водство од 78:69, а двоцифрената предност ја направи на околу 2 минути до крајот на натпреварот со поените Синовец кој стави точка на мечот.
Најпрецизен во таборот на шампионот беше Чековски со 21 поен, Лучиќ постигна 16, а Стојановски 13 коша. Кај Работнички најефикасен беше Икониќ со 17, а Соколов и Колмен уфрлија по 16 поени.