Кога тренер кој освоил 18 престижни трофеи во Европа не го познаваат надвор од кошаркарските кругови во САД, тогаш како би можел да биде прв тренер на екипа од НБА, се прашуваат кошаркарските аналитичари. Во ниту еден НБА тим досега немало главен тренер од Европа.
Иако е роден во САД, Дејвид Блат (55) својата играчка и тренерска кариера ја градел на европско тло. Роден во еврејско семејство, Блат на 13 години заминува во Израел од каде ќе почне неговата кошаркарска одисеја.
Од Хапоел Галил и Ирони Нахарија преку Макаби Тел Авив, Динамо Москва, Арис Солун, Ефес Пилсен и руската репрезентација, Дејвид Блат стигна до Кливленд Кавалијерс.
„Да не се занимавав со кошарка, ќе бев амбасадор. Сакам да патувам, да запознавам разни земји, култури и народи", вели Блат за прекуокеанските медиуми.
Врвот на неговата тренерска кариера во Европа го достигна и на репрезентативно и на клупско ниво. Најпрвин со освоеното злато на Евробаскетот во 2007. година со Русија, кога во финалето среде Мадрид го совлада домаќинот Шпанија (70-69).
Лани во Милано, направи сензација со Макаби и стигна до трофеј во Евролигата, а тоа како да беше препорака за негов трансфер во НБА.
Деновиве како гром од ведро небо дојде веста дека најдобриот играч на светот, Леброн Џејмс го напушта Мајами и се враќа на „местото на настанот".
„Со Блат разговарав неколку месеци пред да се објави веста дека Леброн ќе се врати во нашиот Кливленд. Ниту тој ниту јас не знаевме ништо околу одлуката на Леброн да го напушти Мајами“ – изјавил претседателот на Кавалијерс, Дејв Гилберт.
Со повратникот во составот, Леброн Џејмс, младиот Кајл Ирвинг и потенцијалната аквизиција од Минесота, Кевин Лав, Дејвид Блат ќе има мошне конкурентен состав, но и тешка задача да ги скроти „дивите ѕверки".
Од неговото потпишување со Кливленд, во САД не престанува дилемата околу тоа дали тренер без НБА искуство ќе може да одговори на предизвиците. Како прилично офанзивен тренер, главната недоумица е дали Блат ќе знае да ја постави дефанзивата по НБА, но не по европски терк.
„Искуство и притисок? Па луѓе мои, во Израел ако загубев со Макаби, цела недела тоа беше главна вест. Сум тренирал играчи кои бојкотирале поради нередовни плати, сум водел играчи кои не сакале да патуваат на ризични гостувања и вие ми зборувате за притисок? " иронично констатираше Блат на претставувањето.
Покрај него, во САД сезонава замина и Еторе Месина, легендарниот италијански тренер кој само една година работел во НБА како асистент.
Тој доаѓа во стручниот штаб на Сан Антонио, на повик на Грег Попович, човек кој воспостави систем на класична „европска" кошарка. Таа стратегија му донесе дури 5 титули и 2 финалиња со „мамузите".
Во составот Спарси имат неколку играчи кои доаѓаат надвор од САД. Меѓу нив се и Џинобили, кој пред 12 години соработуваше со Месина во Италија и Французинот Тони Паркер, како носители на играта.