Како што е редот, пред почетокот на натпреварите, на кошаркарите на Мајами Хит им беа доделени прстените и шампионското знаме кои тие си ги заслужија со втората титула во серија од минатата сезона.
Шампионите на најдобар можен начин ја стартуваа и новата сезона со победа над Чикаго Булс од 107:95. На Чикаго не им помогна ниту Дерек Роуз кој го одигра првиот натпревар по пауза од 18 месеци заради тешката повреда. Тој одигра 34 минути и имаше учинок од 12 поени и 4 асистенции.
Леброн Џејмс повторно беше најдобар во тимот на Мајами со 17 поени, 8 асистенции и 6 скока, а Крис Бош постигна 16 поени. Карлос Бузер беше најефикасен на натпреварот со 31 поен.
ЛА Лејкерс стартуваа со победа и тоа против градскиот ривал ЛА Клиперс со 116:103. Најголема заслуга за оваа победа имаа кошаркарите од клупата кои постигнаа вкупно 76 поени, а воедно тие ги реализираа и сите 41 поен од последната четвртина.
Најефикасен кошаркар беше Ксавиер Анри со 22 поени и 6 скока, а кај Клиперси се истакнаа Грифин со 19 и Де Андре Џордан со 17 поени и 11 скокови.
Кошаркарите на Индијана предводени од Пол Џорџ кој постигна 24 поени, го совладаа Орландо со 97:87.
Мајами Хит – Чикаго Булс 107:95
ЛА Лејкерс – ЛА Клиперс 116:103
Индијана Пејсерс – Орландо Меџик 97:87
Вечерва со почеток од 1:30 часот по наше време, првиот Македонец во НБА лигата ќе го има официјалното деби во најквалитетното светско натпреварување. Перо Антиќ со Атланта ќе гостуваат кај Далас Маверикс на отворањето на сезоната.