Кога во денешно време се зборува за златните времиња на НБА, не се вели кога гледавме НБА, туку кога гледавме НБА со Љубомир Николовски на А1.
Договорот за емитување со сите права го потпишал во Њујорк 1994-та, каде на негово инстистирање заминал заедно со Велија Рамковски и од тогаш изградил посебен однос со нив. А1 станала прва телевизија од Балканот која стигнала до договор со НБА.
За Американците било до толку интересно и зачудувачки што една мала и далечна земја пренесува НБА, што во еден момент додека Николовски го коментирал Сакраменто со Дивац и Стојаковиќ, неговиот глас одел на ЕнБиСи.
Љубомир Николовски е енциклопедија за НБА и општо за кошарка за која се специјализирал откако во 1992-ра година се вработил во А1 заедно со Југослав Костовски. Ги поканил Миленко Неделковски кој во тоа време бил уредник на спортска.
Претходно работел во македонското радио и коментирал најчесто фудбал, како и ракомет, пливање, пинг понг, тенис и бил дел од легендарната спортската редакција заедно со Александар Стиков, Зоран Јордановски, Бранко Давидовски, Ивко Панговски, Гоце Сипковски, од помладите Александар Мучев, Југослав Костовски.
Коментирал во просек по 70 до 80 НБА средби по сезона или вкупно околу 800 натпревари во 11-12 сезони. Од лице место коментирал 7 Ол стар натпревари: Кливленд 1997, Њујорк 1998, Вашингот 2001, Филаделфија 2002, Атланта 2003, Лос Анџелес 2004 и Хјустон 2006.
Легендарниот триумф на МЗТ Скопје против Реал Мадрид 1996-та во старата сала Јане Сандански е посебна приказна за раскажување со многу јаки случки, посебно онаа со Жељко Обрадовиќ, виновникот поради кој во Мадрид не стигнала снимка од поразот.
Првиот пренос?
Фудбалски натпревар од Гази Баба на кој играше Металург. Не можам да се сетам на противникот, но знам дека имав многу трема или што се вели кнедли во грло. Но тоа беше комбиниран пренос.
Како било да се биде коментатор без интернет?
Има неколку моменти. Кога во А1 тв се специјализирав за кошарка, одев на кошаркарски семинари за тренери во Србија и Грција во моја режија. Ги следев за да се запознаам со суштината на играта. Тоа беше моја желба и иницијатива за да се усовршам во тоа што го зборувам. Што се однесува до информации од НБА, кога бев прв пат во САД во 1994 го искористив тоа да ги соберам сите можни телефонски броеви на спортските новинари кои следат НБА. Ги барав нон стоп, им досаѓав на луѓето, но беа океј и ми кажуваа сè што треба, нивни размислувања и податоци кои не можат да се најдат. Бев и претплатен на списанија на англиски јазик кои ми пристигнуваа дома. Со задоцнување доаѓаа, но сепак ги користев.
За преносот од легендарната победа на МЗТ Скопје над Реал Мадрид, за кој имал строги барања
Стандардите отсекогаш сум сакал да бидат строги, за да бидеме што поблиску до она што го сметавме за развиено во пренос. Со најава, снимено Скопје од Водно, со НБА кадри, со многу изјави. Преносот ни почна 45 минути пред стартот на мечот, а го наполнивме со анализи, статистика, изјави на играчи. Беше прекрасно да се гледа. Беше многу најавен, предизвика голем интерес. Салата преполна, дури и од конструкциите висеа луѓе кои влегле без карти. Атмосферата беше фанстатична и како да се чувствуваше дека нешто ќе се случи. Уште повеќе кај играчите се крена таа самодоверба, бидејќи на првиот меч во Мадрид првото полувреме беше егал. Толку добро одиграа нашите и изненадија, што тоа ги мотивираше дека може да се игра со овие луѓе, не се марсовци. Јас бев на сите тренинзи и сите беа оптимисти. Се сеќавам дека Игор Михајловски рече: ќе ги победиме, нема шанси да не добијат овде.
Околу преносот еден интересен момент. Мене многу ми се допаѓаше кога топката ќе помине низ мрежа, дури и ме ежеше тој звук кога ќе падне кош без коски. И затоа инсистирав да ставиме бубачка-микрофон на кошот, закачен на обрачот и беше многу интересно и се слушаше и играчите што си викаат еден на друг. До детали беше испланирано и беше многу успешно.
Арогантните Шпанци
Во последните 10 минути бев нон стоп наежен, едноставно чувствуваш дека нешто ќе се случи и плус публиката крева уште повеќе. Инаку пред тој меч ги снимав играчите на Реал Мадрид кои беа сместени во хотел Континентал. Сите со добри зборови за МЗТ, но арогантни. Ни на крај памет дека може да загубат. Единствен што имаше малку шубе беше Жељко Обрадовиќ. `Мислам дека ќе победиме, но ова е Балкан, посебно во Македонија тешко се играше, паметам уште како играч. Не знам што ќе биде, ја видов салата, ако биде преполна моиве не знаат во таква атмосфера`, рече тренерот на Реал. Единствено тој имаше малку задршка, Бодирога и другите беа убедени дека ќе победат.
За легендарната изјава на крај за време на слободните фрлања на Перо Блажевски „Тишина е потребна“
Толку бев внесен во натпреварот што се чувствував дека ја сум Перо Блажевски. Публиката беше толку возбудена и толку викаше, што мене ми пречеше да не му пречи на Перо и едноставно така излезе од мене таа фраза.
Интересна случка со Обрадовиќ со лентите од мечот
Кошаркарите на Реал веднаш побегнаа, но јас ги начекав пред автобус. Во Мадрид бев договорен со националната телевизија на Шпанија, да ми ги даде лентите од првиот меч за да направам снимка за на А1, а пак нашата снимка да им ја пратам за да ја емитуваат таму. Го чекав Жељко Обрадовиќ да му ги дадам лентите спремни за да ги однесе, за што ми се заблагодари многу. Заминаа со автобусот за Софија од каде имаа лет за Мадрид. Следниот ден ми се јави шоферот на автобусот за да си ги земам лентиве, на што јас се зачудив. Кога излегувале од автобус шоферот го потсетил Жељко да ги земе лентите, а тој: Ма какви ленти не сакам да ги носам да видат што се случило тука. И така ги врати и немаше снимка во Мадрид, од суета и од болка да не видат како загубиле во Скопје.
Американците го снимале на коментаторско столе со две камери и го пуштиле во живо на ЕнБиСи.
На Ол стар натпреварите одев порано по 6-7 дена за да направам интервјуа, да се видам со луѓе и да искоментирам натпревари од регуларниот дел во сезоната. На прва што ми текнува нешто интересно е кога пред Ол старот 2002 заминав во Вашингтон за да ги коментирам против Сакраменто со Дивац, Стојаковиќ, Мајк Биби, Крис Вибер, една феноменална екипа. Овој меч ми остана во сеќавање по тоа што во третата четвртина наеднаш пред мене се појавија двајца камермани на ЕнБиСи, а никој не ми најави ништо. Продолжив да коментирам и некои 4-5 минути со мојот глас на македонски одеше во живо на ЕнБиСи, бидејќи беа фасцинирани што сме дојдени од Македонија да правиме пренос во живо.
Мајкл Џордан?
Мајкл Џордан е нешто специјално. Да влезе во просторија со луѓе кои ниту следат ниту знаат нешто од спорт, сите ќе видат дека е некој и нешто. Има посебна харизма кога ќе се појави, плус е елоквентен, пристапен, интелигентен со спортска и општа интелигениција. Таа харизма ретко кој ја има. Можеби до некаде Меџик Џонсон, но во еден друг правец. Тој е многу симпатичен човек и многу забавен, а тоа се гледаше и во неговата игра. За мене Џордан е најдобриот на сите времиња. 1998-ма во Њујорк имаше прес конференција и најголемата гужва беше околу Џордан. Но успеавме некако да дојдеме до него заедно со мојот снимател Нехру Хоџа. Обично на едно прашање одговара, па се врти на други, но нас нè сослуша со 3-4 прашања и тоа беше како да имаме интервју еден на еден со него.
Дејвид Штерн?
На интервјуто со поранешниот комесар на НБА сум посебно горд, бидејќи Дејвид Штерн во Америка беше третиран како претседател. Една многу харизматична личност, експерт и авторитет не само за НБА, туку и за сите други професионални спортови. Од него бараа совети и од бејзбол лига и од американски фудбал. Имав некако посебен однос со НБА централата од моментот кога го потпишавме договорот 1994-та, како први на Балканот за емитување на НБА со сите права. Немаа ни Србија, ни Хрватска. На мое инстистирање, бевме да го потпишеме во Њујорк заедно со Велија Рамковски и од тој момент беа зачудени што доаѓаме од некоја Македонија. Во просторијата имаше карта на свет и баш забележав дека ја штиклирале Македонија, не барале кај сме и од тој момент некако им станавме симпатични и како тв и јас како новинар имавме специјален однос.
Интервјуто со Штерн
1998-ма пред Ол старот побаравме интервју со Дејвид Штерн и единствени кои не прифати бевме ние и ЕнБиСи како официјални нивни медиумски партнери. Канцеларијата на Штерн беше на 20-ти кат на некои 600-700 квадрати. Имавме интервју од околу половина час. Зборувавме за европска кошарка, плати, третман на НБА ѕвезди. Беше многу коректен и на заминување ми подари златно пенкало кое за жал го загубив при преселба и една врамена фотографија на НБА табла со кош, потпишана од него. Тоа беше човек со визија. Негови блиски луѓе од НБА ми кажуваа дека дури и од Премиер лига барале сугестии од него како да ја направат англиската лига поатрактивна за гледање и негова идеја било камерите да бидат што поблиску до терен за гледачот да се чувствува како да е внатре.
Супер интересниот подкаст со легендарниот новинар и коментатор го направи колегата Бранко Казаковски од Телма.