ЛА Лејкерс е новиот шампион во НБА, Леброн до историја

Лос Анџелес Лејкерс го совладаа Мајами Хит во шестиот натпревар од големото НБА финале со 106:93 и заслужено ја освоија шампионската титула со конечни 4-2.

Гигантот од Лос Анџелес стигна до својата 17 титула со што го израмни рекордот на Бостон Селтикс на вечната листа на шампиони. МВП на финалниот меч беше неверојатниот Леброн Џејмс со трипл-дабл учинок од 28 поени, 14 скока и 10 асистенции. 5 пати Лејкерси ја освојувале титулата кога играле во Минеаполис (1949, 1950, 1952, 1953, 1954) и 12 пати по преселбата во Лос Анџелес (1972, 1980, 1982, 1985, 1987, 1988, 2000, 2001, 2002, 2009, 2010, 2020).

Мајами успеа да ја преживее првата меч топка на ЛАЛ, ама не и втората синоќа.

Леброн Џејмс реши да стави точка на цела неизвесност околу шампионот, а крајниот резултат на мечот не покажува колку навистина Лејкерс беа надмонќни: во еден момент од третата четвртина имаа страшни 36 поени предност!

„Езерџиите“ во последната четвртина решија да намалат брзина и Мајами тогаш успеа колку толку да го ублажи поразот да не биде убедлив.

Јунакот на мечот Леброн Џејмс е прогласен за МВП на финалето (4-то МВП на финале, Џордан има 6), ова е негов 4-ти шампионски прстен во кариерата (со Кливленд 2016, Мајами 2012, 2013 и Лејкерс 2020) а самиот изјави дека има уште сила во него да се бори за нов. (Брон стана и рекордер по број на одиграни плејоф средби - 260). Неговиот соиграч Дени Грин исто синоќа го освои 3-от шампионски прстен со 3 различна франшиза.

Покрај себе Леброн цела сезона го имаше Ентони Дејвис кој синоќа помогна со 19 поени и 15 скока. „Човекот-финале“ ветеранот Ражон Рондо (2 титули, една со Бостон 2008-ма и една со Лејкерс сега) уфрли исто 19 поени а Колдвел-Поуп додаде 17 поени.

Кај поразениот Хит Бем Адебајо беше најефикасен со 25 поени и 10 скока, а Џими Батлер после 5 фантастични партии, веќе како да немаше сили и остана на скромни за него 12 поени. За Мајами синоќа заигра и повратникот од повреда Горан Драгиќ кој со 6 поени не смени многу на паркетот. Хиро го заврши мечот со само 7 поени, Данкан Робинсон со 12, а Џае Краудер со 12 поени.

После 10 години ова е прв шампионски пехар за Лејкерси кои последен пат му се радуваа на прстенот во 2010-та. И навивачите и играчите и стручниот штаб титулата му ја посветија на трагично загинатиот Коби Брајант.

12 октомври 2020 - 08:59