Домаќинот на кошаркарскиот Куп на Македонија, Торус СЦБТ и освојувачот од минатата година, Работнички одиграа израмнето прво полувреме и на паузата заминаа со резултат 34:34.
Во второто полувреме и двете екипие беа фокусирани на одбраната, но кошаркарите на Работнички потфрлија во реализацијата, а Торус тоа го искористи и поведе со 10 поени разлика (48:38).
Сепак на 24 секунди до крајот, Работнички успеа да се доближи на -3 (74:71), но немаа сили за пресврт и домаќините на крајот славеа со 80:74.
Најефикасен кај Торус беше Ивица Димчевски со 20 поени, а во поразената екипа се истакна Енес Хаџибулиќ со 26 поени.
Противник на Торус СЦБТ во полуфиналето ќе биде МЗТ кој немаше големи проблеми со Вардар.
Тренерот на МЗТ, Александар Тодоров реши да ги одмори Тони Грнчаров и Тодор Гечевски, но дури и без нив, „Металците" беа преголем залак за Вардар.
МЗТ ја имаше целосната контрола во текот на целиот натпревар, а нивното водство во неколку наврати изнесуваше 23 поени.
Пред крајот Вардар успеа да намали на едноцифрена негатива, за на крајот МЗТ да слави со 91:79.
На овој натпревар блескаше Кејд Дејвис со 32 поени, а кај најефикасни кај Вардар беа Георгиевски со 24 и Тасевски со 23 поени.
Во петок ќе се одиграат преостанатите два четвртфинални дуели во кои се среќаваат Кожув - Фени Индустри и Лирија - Куманово.