Уште од самиот почеток, Македонија ја оправда улогата фаворит и водството стекнато на стартот со поените на Хендрикс, го одржуваше се' до крајот на првата четвртина.
Избраниците на селекторот Александар Џикиќ го диктираа темпото и со поените на Дарко Соколов и Костовски, играчи за кои Данска немаше одговор во одбраната, црвено – жолтите првиот квартал го завршија со водство од 24 – 18.
Слободата во играта и разликата во класа, како да го опуштија нашиот тим кој во продолжението му дозволи на домаќинот со поените на Сејлунд и Андрес Хаск да се приближи на 23-24.
Војдан Стојановски ги врати работите на свое место, па така нашите репрезентативци со резултат 36 – 44 го затворија првото полувреме во кое Македонија имаше 5 од 14 за три поени и дури 9 загубени топки.
Дека нема да толерира недисциплина во играта, селекторот Џикиќ покажуваше при секое приближување на Данците кога без размислување бараше тајм – аут.
Нашата репрезентација вториот дел го почна опуштено, при што дозволи прилично аматерската Данска, со поените на Рајнхолд да израмни на 51:51.
Нервозата во нашите редови пристигна со четвртата лична грешка на Војдан Стојановски, кога домаќините почувствуваа дека може да го „скршат“ резулатот.
Во отсуство на нашиот најдобар играч Војдан Стојановски, Александар Костовски и Бојан Трајковски ја превзема лидерската улога и со неколку последователни поени успеаја да ги одбијат нападите на „викинзите“.
На 4 минути до крајот, Костовски погоди за три поени и водство од 66:73. Токму играчот на скопски МЗТ се погрижи за мирен финиш и победа 81:75.
Соколов, Стојановски и Симоновски со 12 поени беа најефикасни во нашиот состав.
Свои заслуги во победата имаа уште и Трајковски и Костовски со 9 коша. Натурализираниот Американец Хендрикс постигна 8, а Магдевски ги даде своите дебитантски 4 поени.
По овој натпревар, очигледно е дека селекторот Џикиќ ќе има доста работа, пред се' во корегирање на одбраната, затоа што вечерва примивме 75 коша од аматерска екипа која има само 2 победи на последните 10 средби.
Данците вечерва има четири играчи со двоцифрени поени и тоа доволно зборува дека пред клучните натпревари против Белгија и Белорусија, наследниците на славната „литванска“ генерација ќе треба добро да се испотат.
Следниот натпревар, македонската кошаркарска репрезентација ќе го има во недела во Минск, каде за противник ќе ја имаме селекцијата на Белорусија.