Како му оди на Антиќ во Турција

Иако неговиот Фенербахче неочекувано ги загуби последните два натпревари, еден во Евролига, еден во домашното првенство, Перо Антиќ игра сосема солидно и добива пристојна минутажа.

Во првото коло од турското првенство, Фенербахче на домашен терен ја совлада Анкара со 97:81, а Перо Антиќ го пропушти тој меч поради ситна повреда.
 
Три дена по тој дуел, Фенербахче ја отвори сезоната и во Евролигата. Во триумфот од 74:67 против Баерн Минхен, Перо Антиќ одигра 24 минути за кои постигна 7 поени со 5 скокови. Нова победа неговиот тим оствари против Дарушафака на гости од 70:65, а Скопјанецот уфрли само три поени, четири скока и една асистенција.
 
На распоредот следуваше дуел против Стразбур во Евролигата, каде Турците претрпеа резултатска катастрофа и пораз од 21 поен разлика (91:70). Токму на тој натпревар Антиќ беше меѓу подобрите во својот тим со 11 поени (6/7 слободни фрлања) и 2 скока.
 
Жестокиот ритам играње на три фронта, Фенербахче го плати синоќа со изненадувачки пораз на домашен терен од Торку Коњаспор во финишот 73:74. Антиќ го заврши мечот со 11 постигнати поени. По три одиграни кола во турскиот шампионат, Фенербахче сега има две победи и еден пораз, а во Евролигата имаат учинок 1-1.
 
Следен предизвик за Фенербахче е Реал Мадрид во петок од 18 часот, а само три дена подоцна, Антиќ ќе му гостува на Галатасарај во дербито на турското првенство и потоа во Белград против неговиот поранешен клуб во дуел од Евролигата. Календар кој би можел да покаже во која насока ќе се движи сезоната на Фенербахче.
 
Во меѓувреме со сопругата Ружица на Фејсбук објавија дека чекаат трето машко дете.
27 октомври 2015 - 11:40