Кајри Ирвинг даде 55 поени, Антиќ не игра на Ол старот

Петмина кошаркари на Атланта Хокс имаа двоцифрен учинок во рекордниот 17. триумф во низа, овој пат против Бруклин синоќа 113:102. Никси ја изненадија Оклахома која играше без Дурент, а неверојатна вечер имаше плејот на Кливленд, кој синоќа сруши четири рекорди.

Пол Милсап постигна 28 поени со 15 скокови и беше најзаслужен што Јастребите ја продолжија неверојатната серија од 17 последователни победи. Ал Хорфорд исто имаше дабл-дабл учинок со 20 поени и 12 скокови.

Атланта во моментов има учинок 38-8 и победија на 31 од последните 33 натпревари и како лидер н Истокот имаат седум победи повеќе од второпласираниот. Кајл Корвер додаде 17 поени, Џеф Тиг и Денис Шродер по 13, а ДеМар Керол 12. Перо Антиќ играше 15 минути, во кои забележа само два поена и седум скока. Кај поразениот Бруклин се истакнаа Џо Џонсон со 26 поени и Брук Лопес со 18.

Македонецот во меѓувреме дозна и дека не е избран за настап на претстојниот Ол стар викенд во Њујорк, иако беше меѓу кандидатите за натпреварот „Ѕвездите во подем". Дуелот е предвиден за дебитантите и за играчите кои втора година се во НБА лигата. 

Натпревар на кариерата синоќа одигра Кајри Ирвинг, плејмејкерот на Кливленд Кавалирс, кои го совладаа Портланд 99:94. Ирвинг уфрли неверојатни 55 поени, вклучувајќи ја и клучната тројка на шест секунди до крајот. На тој начин Ирвинг го сруши неговиот личен рекорд од 5. април минатата година, кога на Шарлот му даде 44 поени.

Ирвинг го сруши и овогодишниот рекорд на Клеј Томпсон, кој минатата недела постигна 52 поени за Голден Стејт. Кајри синоќа уфрли 11 тројки и така го надмина рекордот на франшизата на Кливленд. Целиот тим на Кливленд заедно постигна 44 поени, 11 помалку од учинокот на Ирвинг.

Феноменалната партија на Кајри Ирвинг:

 

Во тексашкото дерби, Хјустон го совлада Далас 99:94, а сите играчи на Рокетс ги распределија поените. Џош Смит со 18 поени и 6 скокови и Џејмс Харден со 17 поени, 5 скокови и 8 асистенции беа најефикасни кај Хјустон, кој играше без повредениот Двајт Хауард. Кај Маверикс, Монта Елис даде 33 поени, а Чендлер Парсонс додаде 21. Тоа беше четврти пораз по ред за Далас Маверикс.

Њујорк Никс на најдобар можен начин го искористија отсуството на Кевин Дурент и ја совладаа Оклахома Сити Тандер 100:92. Кармело Ентони уфрли 31 поен и 10 скокови, а Ленс Томас на својот поранешен тим му даде 17 поени.

На Оклахома не ѝ беа доволни 40 поени на Расел Вестбрук:

НБА резултати:

Атланта - Бруклин 113:102
Кливленд - Портланд 99:94
Филаделфија - Детроит 89:69
Торонто - Сакраменто 119:102
Хјустон - Далас 99:94
Минесота - Бостон 110:98
Њу Орлеанс - Денвер 85:93
Њујорк - Оклахома Сити 100:92
Сан Антонио - Шарлот 95:86
Јута - ЛА Клиперс 89:94
Феникс - Вашингтон 106:98