Голема НБА ѕвезда ќе гостува во Скопје во чест на Перо Антиќ

Со оглед на тоа што на паркетот се рова од 1999-та, беше само прашање на време кога и официјално ќе и соопшти на јавноста. Трикратниот европски првак Перо Антиќ годинава се повлекува од играње кошарка и тоа со спектакуларен проштален натпревар.

По точно две децении успешна и многу богата кариера во точно десет клубови од седум земји, Перо Антиќ оди во пензија. Во интервју за „Антена 5“ радио тој открива дека летово ќе организира проштален натпревар со многу славни кошаркарски имиња, меѓу кои неговиот поранешен клупски колега од Атланта Хокс, Ал Хорфорд, како и новата млада ѕвезда во НБА, Словенецот Лука Дончиќ.

„Не сакам премногу да откривам за овој настан, но уште сега може да потврдам дека Дончиќ и Хорфорд сигурно ќе дојдат, заедно со многу други поранешни соиграчи кои се имиња во европската кошарка. Во Скопје ќе бидат и тренерите со чија заслуга направив тоа што направив во кариерата“.

Неодамна излезе муабет дека Антиќ ќе ја заврши кариерата таму и каде што ја почна, во Градски Парк, но се уште нема официјална потврда за тоа.

„Луѓето чие мислење многу го ценам ми имаат кажано дека играчката приказна треба да се заврши таму каде што е почната и се согласувам со тоа. Можноста за враќање во Работнички првпат се спомена со претходниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, со кого имам огромно меѓусебно респектирање, а истото го сака и сегашниот прв човек, Саша Богдановиќ, со кого исто така сум во одлични односи. Засега нема што конкретно да се каже, бидејќи треба да се исполнат некои услови. Ќе видиме што ќе излезе од сето тоа,објаснува тројниот европски шампион“.

Во интервјуто за радиото, Антиќ кажа дека никогаш не добил понуда од МЗТ Скопје, а дека пред недели го одбил Армани Џинс Милано.

Перо Антиќ кариерата ја почна во Работнички (1999-2001), а потоа настапуваше за АЕК Атина (2001-2005), Црвена Ѕвезда (2005-2007), Лукоил Академик (2007-2008), Локомотив Казан (2008-2009), Лукоил Академик (2009-2010), Спартак Санкт Петербург (2010-2011), Олимпијакос (2011-2013), Атланта Хокс (2013-2015), Фенербахче (2015-2017), Црвена Ѕвезда (2017-2018).

Нашата најголема кошаркарска ѕвезда кариерата ќе ја заврши со 15 трофеи од кои највредни му се трите европски круни, две со Олимпијакос и една со Фенербахче.

Тој ќе остане запаметен како прв Македонец кој заиграл во најсилната кошаркарска лига во светот, а не се заборава ниту неговиот удел во селекцијата на Македонија со која на ЕП 2011 во Литванија стигна до сензационалното четврто место.

28 јануари 2019 - 11:49