Филаделфија конечно победи по 17 порази

По црната серија без победа, Сиксерси го запишаа првиот триумф сезонава, во Минеаполис против Минесота 85:77. Атланта на Антиќ го скроти и шампионот Мајами 112:102 на гости, а повторно доминираше Лоури од Торонто со 39 коша.

Дуелот меѓу најслабите екипи во лигата го доби Филаделфија и тоа на гости 85:77, а со тоа го избегна и црниот рекорд на Њу Џерси од 18 порази во низа, во сезоната 2009/2010.

Колку загубено играат '76-ките годинава покажа и моментот на 16 секунди пред крајот, кога Хенри Симс застана да шутира слободни фрлања на погрешна страна, по што судијата Зах Зарба ја запре играта за екипите да ги заменат страните. Картер-Вилијамс беше најзаслужен за триумфот на Филаделфија со 20 поени, 9 скока и 9 асистенции. Од друга страна, Минесота играше без најдобрите играчи, Рики Рубио, Кевин Мартин и Никола Пековиќ.

----------

Торонто ја прослави и 15. победа сезонава, во која Кајл Лоури имаше 39 поени и 5 скока, за поентерски рекорд годинава. Репторси беа подобри од Јута Џез 123:104.

----------

Далас славеше со звукот на сирената, кога Монта Елис погоди за триумф против Милвоки Бакс 107:105. Елис постигна вкупно 23 поени, а најкорисен играч во неговата екипа беше Тајсон Чендлер со 18 коша и дури 20 скокови.

Победничкиот напад на Маверикс

-----------

Пред мечот со Бруклин, Сан Антонио имаше серија од 8 победи, но тогаш на сцена стапи Мирза Телетовиќ кој со 26 коша и 16 скокови го одведе својот тим до победа после продолженијата 95:93. Босанскиот репрезентативец изјави дека тренерот Лајонел Холинс е најзаслужен за неговиот учинок против Спарси.

----------

Чикаго Булс го доби Шарлот Хорнетс 102:95, а потегот на мечот го направи Кемба-Вокер, кој го извади Никола Миротиќ од патики.

----------

Атланта и Перо Антиќ стигнаа до четврта победа во низа, откако синоќа го совладаа Мајами на гости 112:102. Антиќ одигра 19 минути, период во кој имаше 4 коша и 1 скок, со шут 0/2 за три, 1-2 за два и 2/2 за еден поен. Вообичаено кај Јастребите најефикасен беше Џеф Тиг со 27 коша. Недоволни беа 55 коша на тандемот Бош-Вејд за Мајами кој го загуби петтиот натпревар во низа.

-----------

TOП 10 ПОТЕЗИ НА ВЕЧЕРТА


НБА РЕЗУЛТАТИ:

Шарлот – Чикаго 95-102
Вашингтон – ЛА Лејкерс 111-95
Бостон – Детроит 109-102
Бруклин – Сан Антонио 95-93
Мајами – Атланта 102-112
Хјустон – Мемфис 105-96
Милвоки – Далас 105-107
Минесота – Филаделфија 77-85
Јута – Торонто 104-123
ЛА Клиперс – Орландо 114-86