Фил Џексон и Стив Кер пушеле марихуана како терапија

Пред неколку дена тренерот на Голден Стејт, Стив Кер отворено зборуваше дека во играчките денови во Чикаго Булс конзумирал марихуана со цел да ги намали неподносливите болки во грбот. Трева пушел и легендарниот Фил Џексон.

Стив Кер кој во моментов важи за еден од најдобрите стратези во НБА го користел лековитото растение во медицински цели после операцијата на грбот.

Кер за време на играчките денови имал две операции на грбот поради што одлучил да користи марихуана а неодамна се вклучи во кампањата раководството на НБА лигата да им дозволи на кошаркарите употреба на марихуана во медицински цели кога ќе чуствуваат болки, и на тој начин да ги заменат лековите како викодин. Тренерот на Голден Стејт додава и дека него лично ваквиот начин на терапија не му помогнал многу.

По објавата на Кер, се огласи и Фил Џексон кој му беше тренер во шампионските денови на Чикаго Булс кој призна дека и тој користел марихуана во периодот кога играл за Њујорк Никс во далечната сезона 1969/70.

„Да, пушев марихуана во тој период. Многу ми помагаше да не мислам на болката, но никогаш не размислував дека е ултимативен лек за таква состојба“, изјави актуелниот претседател на Њујорк Никс.

Фил Џексон кој со Чикаго и Лејкерс освои бројни трофеи тогаш не се соочувал со опасноста НБА лигата да го суспендира, затоа што управата на најсилната лига на светот дури во 1983. година вовела пропис со кој се забранува користење на марихуана.

Денес играчите редовно мора да одат на тестови и контроли и ако се види дека се позитивни веднаш започнуваат програма за одвикнување од марихуаната, со парична казна и суспензија од повеќе натпревари.

И покрај тоа, Фил Џексон смета дека марихуаната на некој начин е составен дел од НБА културата.

„Видете, се обидовме да ја запреме употребата на марихуаната во НБА, но мислам дека такво нешто не е возможно да се направи. Нејзината употреба и натаму постои и знаете и сами дека со тек на времето стана дел од културата на оваа лига. Тоа е нешто на што мора да се навикнеме или да најдеме нов начин за подобро да се поставиме во целата приказна“, констатира легендарниот тренер Џексон.

Во февруари годинава, за Players' Tribune на тема употреба на марихуана зборуваше и поранешниот бек на Чикаго Булс, Џеј Вилијамс којшто раскажа дека станал зависник од лекарства против болки по сообраќајната несреќа со моторцикл поради која што ја заврши НБА кариерата. Тој изјави дека марихуаната сигурно би била подобар лек против болки отколку разните лекарства.

 

7 декември 2016 - 10:28