Руските медиуми блиски до ЦСКА Москва каде капитенот на српската репрезентација освои еден куп пехари, пишуваат дека финансиското прашање бил главен аспект во преминот на Милош преку океанот.
Но медалот има и друга страна, па ’држи вода’ и приказната дека Теодосиќ вистински сака да се проба и во НБА што е најголема желба на секој кошаркар.
Изминатиов период играчот роден во Ваљево доби многу богата понуда од ЦСКА Москва, преговараше со Минесота и Чикаго Булс но и двете франшизи не можеле да му ја гарантираат минутажата која што ја барал па на крајот фантастичниот плејмејкер замина во Лос Анџелес, средина каде би требало да добие повеќе шанса особено по заминувањето на Крис Пол.
ЦСКА Москва била спремна да му понуди 9 милиони евра за три години, но договорот со Клиперс од 12,3 милиони долари за 2 години бил пресуден. Србинот во Лос Анџелес ќе им биде конкуренција на Остин Риверс и Патрик Беверли со кого играше во тандем во грчки Олимпијакос пред неколку сезони.
„Веќе може да го сметаат за најдобриот додавач во лигата. Неговата интелигенција е супериорна во однос на било чија друга со кого сум играл. Успева да даде поинаков ритам со неговата игра“, воодушевен бил Беверли кога дознал дека со Милош пак ќе дели соблекувална.
ДЕФАНЗИВАТА МУ Е ПОСЛАБА СТРАНА
Никој не спори што Теодосиќ не е доволно брз на својата половина, често ранливо се поставува во одбрана при противнички пик-н-рол. Често ја штеди енергијата во одбрана и делува мрзеливо за разлика од нападот каде е неверојатен. Србинот е висок 195 сантиметри и има 30 години а во Евролигата досега не бил под таков режим под каков ќе биде во НБА.
Во НБА играат такви “кецови“ на позиција плеј што одбраната ја играат страшно добро: Кајри Ирвинг, Стеф Кари, Тони Паркер (Пети Милс) и Ајзеа Томас. Кој од кој поголем „Бог на Олимп“.
ШТО МОЖЕ ДА ОЧЕКУВА И ДАЛИ ЌЕ СЕ СНАЈДЕ
НБА не е Евролига, таму играат најголемите атлети во светот. Никој никогаш не би можел да тврди дека Милош во НБА ќе биде ѕвезда на тимот како што е во Србија и како што беше во гигантот ЦСКА Москва. Репрезентативецот на Русија Алексеј Швед кој четири години играше во НБА (Минесота, Филаделфија 76ерс, Хјустон и Њујорк) во една прилика изјави дека во НБА се игра полесно и дека играчите имаат повеќе пространство и слобода отколку во Европа. Во тимот Теодосиќ ќе се сретне и со другиот Европјанец, Италијанецот Данило Галинари кој потпиша договор со Клиперс пред неколку дена (веќе заигра за тимот во Летната Лига во Лас Вегас) така што од аспект на побрза адаптација не би требало да има мака.
Едно е сигурно: Швед сигурно подобро знае отколку ние легнати на каучите.
БЕЗ ПРИТИСОК ОД ПОЛНИ ТРИБИНИ
Иако во Мосвка Милош играше пред полу-празни и пусти трибини, тој знае како е да се игра пред 20.000 гледачи затоа што репрезентацијата одигра неколку Европски и Светски првенства.
Уште подобро за него е што Клиперси на некој начин ги сметаат за „вечниот втор клуб“ во Лос Анџелес, така што и притисокот од таа страна не би требало да му е голем.
Док Риверс, искусниот тренер на Клиперси на времето од Раџон Рондо направи автомат кој даваше по 20+ поени и преку 15-20 асистенции по меч, па не би требало да има проблем да „го здипли“ и Тео како треба.
ФИЗИЧКИОТ НАПОР НА 80+ НАТПРЕВАРИ ВО СЕЗОНА
Главната опасност по Милош Теодосиќ во НБА е дали неговиот организам ќе може да се адаптира на атлетски најтешката лига.
Минатата сезона во ново-изменетата Евролига регуларната сезона имаше 30 меча, а Србинот бескрајно играше практично без пауза (и за репрезентацијата), така што повремено страдаше од воспаление на Ахиловата пета, а имаше и проблеми со грбот.
Србинот минатата сезона одбиваше да пропушти неколку меча за ЦСКА и настојуваше да игра „под инјекции“ и покрај болките во грбот. Но со оглед на тоа што се очекува тој да ја дели минутажата со конкурентите, не би требало да има напор на 80+ натпревари во сезоната.
Милош Теодосиќ важи за најдобриот играч во Евролигата на ХХI век, но јавноста е љубопитна да види како ќе се снајде таму каде сè е на едно друго ниво, друга планета.