И покрај тоа што неформално се збогуваа со репрезентацијата, Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски и Лестер Бо Мекејлеб неочекувано се најдоа на поширокиот список на играчи кој до почетокот на ЕП ќе биде скратен.
Со споменатата тројка треба да разговараат како селекторот Џикиќ, така и претседателот на КФМ, Петар Наумовски. Од „старата гарда“, Владо Илиевски и Предраг Самарџиски решија да се вратат во селекцијата и да бидат на располагање за Европскиот шампионат во Хрватска.
Џикиќ се одлучи да го продолжи курсот по кој тргна селекцијата со младите играчи кои ја одведоа Македонија на Европскиот шампионат, па така на составот се браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Магдевски, Симоновски, Брчков, Трајковски, Костоски, Ѓуровски и Дарко Соколов.
На списокот кој КФМ го достави до ФИБА имаше место и за вундеркиндот Ненад Димитријевиќ како и за талентираната двојка Андреј Маслонко и Љубомир Младеновски.
Црвено-жолтите првиот собир ќе го имаат на 25. јули во Скопје, а до Европското ќе се спремаат во Охрид и Гевгелија. На програмата македонските кошаркари ќе имаат неколку пријателски средби, од кои се издвојуваат турнирите во Литванија и Шпанија. Првата фаза на континенталниот шампионат која започнува на 5. септември, Македонија ќе ја игра во Загреб каде во групата ќе се сретне со Грција (5. септември, сабота), Холандија на 6. септември, Хрватска на 8. септември, Грузија на 9. и Словенија на 10.
ПОШИРОКИОТ СПИСОК НА СЕЛЕКТОРОТ ЏИКИЌ: Владо Илиевски, Андреј Магдевски, Лестер Бо Мекејлеб, Димитар Караџовски, Димитар Мираковски, Александар Костоски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Дарко Соколов, Ивица Димчевски, Владимир Брчков, Бојан Трајковски, Стојан Ѓуроски, Ѓорѓи Чековски, Киро Николовски, Перо Антиќ, Бојан Крстевски, Предраг Самарџиски, Ричард Хендрикс, Марјан Јанески, Љубомир Младеновски, Ненад Димитријевиќ и Андреј Масленко.