НБА шампион

Драмско сценарио со среќен крај за МВП Кевин Дурент

Го хејтаа, го напаѓаа зошто ја предаде Оклахома и отиде на готово да освои титула, но Дурент им докажа на сите дека е неверојатен кошаркар кој заслужено го освои прстенот и МВП наградата. „Ова е МВП и за момците од клупата, не е само мој“.

Кога покрај Леброн, Кари, Томпсон и Кајри сте најдобар на теренот во финалето на НБА и добиете награда МВП - значи дека сте го досонувале сонот.

Кевин Дурент го навраќа филмот за процесот на интеграција во екипата која денес е шампион на НБА - од првиот ден во тренинг кампот кога не знаел никој, па се до првиот пријателски меч во Ванкувер. И сето тоа со голем притисок, критики и омраза од јавноста зошто ја напуштил Оклахома и се придружил на веќе „готова екипа“.

„Се сеќавам на првиот ден во тренинг кампот, се сеќавам дека не знаев што да очекувам, не знаев баш ништо за тимот, за оваа група дечки. Сакав само да бидам свој и така се однесував цела сезона. Се сеќавам на првата пријателска против Ванкувер кога сфатив дека ја најдов групата што ја барав. Денес титулата е само јагодка на тортата“, изјави Дурент веднаш по решавачкиот меч со Кливленд во финалето.

Дурент во финалната серија имаше неверојатни бројки. Во мечот за титула постигна 39 поени со луд процент на шут од игра 14/20 за 40 минути на паркетот. Имаше и седум скокови и пет асистенции. Титулата прво ја прослави со мајка му Ванди:

Паметам кога бевме во Сакраменто и отидов на вечера со Драјмонд Грин. Ми кажа да бидам едноставно јас, да не се грижам што ќе биде и дека тој да е на мое место би го правел истото. Да имаш такви колеги што те охрабруваат во тешките моменти е фантастично, тоа е нешто што на сите ни треба во животот“.

Патот до титулата на Дурент почна од ноември лани и заврши во 5-от меч од финалето со Кливленд кога на 55 секунди до крајот сфатил дека е шампион.

„Отидов до Андре Игудала и го прашав: ’Вистина ли е ова што се случува’? Ми кажа продолжи да играш, но како да продолжам? Освојуваме титула!“, вели Кевин.

Титула која му го донесе првиот прстен во кариерата но и премијата МВП на финалето која што во линија со својот карактер Дурент сака да ја подели со соиграчите.

„Да зборуваме вечерва за Патрик МекКау, руки спремен да одигра важни минути во финалето. За Заза Пачулија кој е спремен на се? Да зборуваме за Стеф? Играше како ѕвер, заработи 15 слободни, имаше 10 асистенции, даде 34 поени“, заклучи Дурент најдобриот поединец во финалето на НБА.

 

13 јуни 2017 - 12:22