Дончиќ и Ирвинг се незапирливи, Далас оди во финале

Маверикс ја збришаа незгодната Минесота со 4:1 и закажаа големо НБА финале против Бостон. За МВП во финалната серија од Западната конференција е прогласен Лука Дончиќ.

Далас Маверикс се избори за трето НБА финале во историјата откако ја совлада Минесота Тимбервулфс со 124:103.

Ова им е прво финале после 13 години и можност за втора титула. Тие се само втор тим после 1984 кој успеаl да влезе во големото финале како петтопласиран во својата конференција. Првиот е Мајами Хит во 2020-та. 

Предводници на триумфот беа дуото Дончиќ - Ирвинг кои постигнаа по 36 поени или 60% од вкупниот број на поени на Далас. Лука забележа плус 10 скока и 5 асистенции, а Кајри 5 асистенции и 4 скока.

Победата беше убедлива, а ja најавија уште во раната фаза од натпреварот. Во првото полувреме експлодираа со серија од 21:1 и на пауза имаа највисоки +29 (69:40).

Кај поразениот тим најдобри беа Ентони Едвардс и Карл Ентони Таунс со по 28 поени.

Признанието за МВП во финалната серија од Западот отиде во рацете на Лука Дончиќ.

Финалето против Бостон стартува на 6 јуни.

31 мај 2024 - 08:15