Денвер ги збриша Лејкерси за историско финале, нов трипл дабл на Јокиќ и МВП награда

И покрај тоа што за едно полувреме им дадоа 73 поени од кои 31 беа на Леброн и водеа 15 разлика, Лос Анџелес Лејкерс едноставно во оваа финална серија не можеше да излезе на крај со Јокиќ и другарите.

Нагетси ги збришаа Лејкерси со 4:0, два пати дома и два пати на гости со што испишаа клупска историја. За прв пат го освојуваат Западот и ќе играат во големото НБА финале најверојатно против Мајами кој води 3:0 со Бостон.

Лејкерси слично како и на претходниот меч, се чинеше дека пред своите навивачи ги имаат работите под контрола и на полувреме водеше 73:58.

Леброн Џејмс тргна убиствено со 31 поен до паузата од кои 21 само во првата четвртина.

Но Денвер одново покажа неверојатна ментална сила и карактер и го сврте мечот во третата четвртина со импресивна серија од 36:16.

Леброн Џејмс бадијала беше најдобар на паркетот со 40 поени, 10 скока и 9 асистенции. Тој ја имаше последната топка на 4 секунди до крај, но не успеа да реализира за продолженија и Нагетси се радуваа на победа од 113:111.

Никола Јокиќ го запиша осмиот трипл дабл и со тоа го собори рекордот на Вилт Чембрлејн поставен пред 56 години за број на остварени трипл даблови во еден плеј-оф.

По натпреварот Нагетси го кренаа пехарот за шампиони на Западот, а на Јокиќ му беше доделен трофејот „Меџик Џонсон“ за најкорисен играч на Западната конференција.

 
23 мај 2023 - 09:31