Предводени од новиот стратег Зоран Мартич, кошаркарите на МЗТ Скопје доста мотивирано го стартуваа натпреварот против турскиот состав кој на првиот дуел славеше убедливо со 24 коша разлика.
Предводени од неуморниот Гечевски кој на стартот постигна 6 поени, нашите кошаркари направија водство од 11:4, предност која ја одржуваа во воведните 10 минути, но не до крај. На 3 минути до финишот Банвит направи серија од 8:0, но Стефан Синовец постигна тројка, изнуди прекршок и со тоа Металците имаа минимална предност 22:21.
Вториот период беше понеизвесен, а турските кошаркари одржуваа минимално водство речиси во текот на целата четвртина. На една минута до крајот имаа предност од +5, но Дејвис погоди два пати од линијата од слободни фрлања, а на 9 секунди до крајот постигна тројка за 40:40 на паузата.
МЗТ се држеше и во третиот период кој резултатски беше најнеизвесен, а на семафорот летири пати стоеше нерешено. Најголемата предност од +4 ја имаа гостите и тоа на крајот од четвртината со резултат 51:55.
Но првите 30 минути во кои се играше неивезна кошарка паднаа во вода по само 3 минути во последниот период во кој квалитетот на екипата на Банвит која има петмина Американци излезе на видела, а клучна беше серијата од 9:0 за победа на гостите.
Бродот на тимот од Аеродром тонеше во текот на последните 10 минути, а падот во играта во напорното и згуснато темпо со натпреварите од Еврокупот и Јадранската лига беше очигледен со што на крајот поразот беше убедлив со 68:86.
Најпрецизен во нашиот состав беше Кејд Дејвис со 14 поени, а Гечевски реализираше 12 коша.