Дебакл на Мајами во едно полувреме

Кошаркарите на Сан Антонио Спарс одиграа меч за паметење во третата финална пресметка од НБА плејофот и го прегазија актуелниот шампион со 71 поен кои успеаа да ги постигнат и тоа само во првиот дел.

Спарси одиграа перфектен меч и тоа на гостински терен на Флорида каде веќе по првите 12 минути постигнаа 41 поен со фантастичен учинок 13/15. Мајами немаше лек за извонредната партија на гостите кои на полувреме водеа со 71:50, а претходно имаа и највисоки 25 поени разлика.

Домаќините притиснаа и се обидоа да се вратат во второто полувреме во кое Сан Антонио не продолжи со исто темпо, но Леброн Џејмс и Двејн Вејд кои го завршија мечот со по 22 поени успеаа да ја спуштат негативата само до -7.

Неверојатниот процент на реализација на гостите во првиот дел кои шутираа со 75,8% беа пресудни за триумфот кои на крајот славеа со 111:92 и поведоа во финалната серија со 2:1, а важен фактор беа и 20-те загубени топки на Мајами.

Натпревар на кариерата одигра Кави Леонард кој постигна рекордни 29 поени, 4 скока и по 2 асистенции и украдени топки. Тој уште на стартот најави дека ќе има одлична шутерска вечер и успеа во воведните 6 минути да уфрли 13 кошеви.

Најголема помош доби од Дени Грин и Тони Паркер кои запишаа по 15 поени, како и Тим Данкан кој го заврши мечот со 14 коша и 6 скока.

Четвртата пресметка повторно се игра на Флорида, а доколку Спарси во петок наутро повторно триумфираат, во петтиот дуел ќе имаат можност за прослава на титулата пред своја публика.

11 јуни 2014 - 09:09