Будистот Фил Џексон, жените, дрогата и кошарката

Новоназначениот претседател на Њујорк Никс се врати во клубот каде што ја започна кариерата во 1967 година. Како играч нема многу за фалење, но зборуваме за најдобриот тренер во историјата на НБА со доста бурен живот зад себе.

Фил Џексон е жива легенда  со 11 шампионски титули во најсилната кошаркарска лига во светот од кои 9 ги освои во периодот од 1991 до 2002 година. Историјата почна да ја испишува со Чикаго Булс со генерацијата предводена од Џордан каде стигна до шест прстени.

Второто поглавје од неговата тренерска кариера ја заокружи со уште пет трофеи со Лос Анџелес Лејкерс. Тој е најуспешниот тренер во конкуренција на сите американски спортови кој на 1.640 натпревари триумфирал 1.115 пати со 70,4% ефикасност. За него сигурно не знаете сè.

- Фил Даглас Џексон, кој денес е активен будист, е син на двајца свештеници на Пентекосталната црква. Роден е во еден забутан дел во американската држава Монтана, заедно со двајца браќа и една сестра, израснал без музика и телевизија во амбиент со слабо воспитување. Првиот филм во својот живот го гледал како матурант, а во диско за првпат влегол кога бил на колеџ.

- Во детските денови го бивало многу за бејзбол, а се посветил и во дисциплината фрлање диск. Најмногу талент сепак имал за кошарка, а првиот повик го добил од колеџот во Северна Дакота. Џексон е откритие на Бил Фич, кој седел на тренерската клупа на 2050 мечеви во периодот од 1970 до 1998 година и станал шампион со Бостон Селтикс во 1981 година.

- Избран е како 17 пик на драфтот во 1967 година. На 807 натпревари во НБА имал скромен просек од 6,7 поени и 4,3 скока. Бил член на Њујорк 11 сезони, но поради повреда не настапувал во неговата последна. Кариерата ја завршил во Њу Џерси Нетс каде играл уште две сезони. Најдобрата сезона му е 1973/1974 со просек од 11,1 поен и 5,8 скока по натпревар со 47,7% шут.

- Џексон никогаш не ја криел тајната дека користел марихуана и уште еден вид на дрога, а целта му била да експериментира за да ја открие алтернативна реалност. Тоа го сторил на плажите во Малибу со непозната девојка по освојувањето на титулата во 1973 година.  

- Во светот на НБА лигата бил познат како човек кој бил близок со контракултурата, која е со спротивставени вредности во однос на погледите во животот. Тренерската кариера ја започнал во ЦБА, помала и најстара кошаркарска професионална лига во САД формирана во 1946 година. Потоа работел во Порторико, а дебито во НБА му е во 1989 година.

- Иако го сметаат за еден од најдобрите тренери во историјата на НБА лигата, признанието за тренер на годината го доби само еднаш, а тоа се случи во 1995/1996 кога стигна до четвртата титула со Чикаго. Во 2007 година стана дел од „Куќата на славните“ и потоа стигна до последните две титули со Лејкерси во 2009 и 2010 година.

- Фил Џексон има пет деца и седум внуци. Од бракот со Мексин кој траел од 1967 до 1972 година има една ќерка, а другите четири му се од вториот брак со Џун. По ноќта со непознатата девојка на Малибу, тој го прекинал и вториот брак и се оженил по трет пат. Минатата година застана по четврти пад пред олтар, овој пат со претседателката на Лејкерси, Џени Бус со која имаат две куќи и се во врска веќе 15 години. Џени се соблече гола за Плејбој во 1995 година, а славниот газда на магазинот, Хју Хефнер е пријател со нејзиното семејството.

- По двете шампионски титули во низа, во 2011 година му било дијагностицирано рак на простатата. Операцијата одлучил да ја прави по завршувањето на сезоната во која по рекордот од 57 победи и 25 порази, доживеа дебакл од 4:0 во конференциското полуфинале од Далас.

- Фил Џексон е познат и по неговата навика да им подарува книги на играчите, но не една иста на сите, туку ги бира одделно за да ги мотивира. До сега има напишано вкупно осум книги. Првите како играч за време на шампионските титули, Take It All и Maverick. Последната ја напиша лани и се вика The Soul od Success.

25 март 2014 - 16:22