Бруклин решен да игра плејоф, 40 поени за Двејн Вејд

Сан Антонио го победи Мемфис 13. пат на последните 16 соочувања, Двејн Вејд одигра фантастична вечер, а Бруклин цврсто го држи осмото место кое води во доигрувањата.

Оклахома Тандер го направи најголемиот пресврт откако франшизата е преселена во Оклахома. Тандерс славеа против Феникс Санс иако во еден момент губеа со 20 поени разлика. Во триумфот од 109-97, Расел Вестбрук постигна 33 поени, имаше девет скокови и седум асистенции.
„Кога ни избегаа 20 поени разлика, моравме да одлучиме: Или ќе играме одбрана или да си одиме дома. Тежок натпревар, затоа што со мислите веќе сме во плејофот“, изјави Вестбрук после триумфот на Оклахома.
Голем удел во победата имаше и Д.Џ. Агустин кој 13 од своите 19 поени уфрли во последната четвртина. Дион Волтерс додаде 18 поени. Кај поразените Санси, најмногу се истакна Маркиф Морис со 18 постигнати поени.
 
 

Бруклин со 108:99 го совлада ЛА Лејкерс и го задржа осмото место на Истокот, пред Мајами кој синоќа славеше против Детроит 109:102.
 
Брук Лопез го заврши мечот со Лејкерс со 30 поени и 11 скокови, а Џо Џонсон му беше најголема поддршка со 18 поени, осум скокови и седум асистенции. Синоќешната победа на Бруклин беше трета по ред, а петта на последните шест натпревари, со што сериозно размислуваат за плејофот, иако Бостон им е главен конкурент за осмото место.
 
Рукито Маркел Браун уфрли сезонава рекордни за него 17 поени за Нетс. Резервистот Џордан Хил даде 22 поени со 16 скокови за Лејкерс кои играа без Џереми Лин и Карлос Бузер, додека Ед Дејвис доби слободен ден.
 
 

Двејн Вејд синоќа против Детроит играше откако целосно се опорави од повредата на коленото и со 40 поени му донесе важна победа на Мајами во борбата за плејофот. Дури 19 поени Вејд уфрли во последната четвртина, а ефикасна вечер имаше и Удонис Хаслем со 18 поени и 13 скокови. Џејмс Енис уфрли 16, Марио Чалмерс 11, а Горан Драгиќ 10 во победата на Мајами.
 
Кај поразените Пистонси, Андре Драмонд беше водечки стрелец со 32 поени и 14 скокови, а Реџи Џексон постигна поен помалку и имаше девет асистенции.
 
 
РЕЗУЛТАТИ:
 
Феникс – Оклахома 97-109
Индијана – Далас 104-99
Сан Антонио – Мемфис 103-89
Мајами – Детроит 109-102
Бостон – ЛА Клиперс 106-119
Њу Орлеанс – Минесота 110-88
Кливленд – Филаделфија 87-86
Бруклин – ЛА Лејкерс 107-99
Вашингтон – Хјустон 91-99