Блесок на Стеф Кари, Голден Стејт врати брејк во Бостон

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс го совладаа Бостон Селтикс со 107:97, земаа брејк на гостински паркет и израмнија на 2-2 во големото НБА финале.

Неколку натпревари се бараше Стеф Кари и синоќа кога беше најпотребно за повеќекратниот шампион, се пронајде. Вориорс со тешка мака стигнаа до голем триумф, вратија изгубен брејк и ја повратија предноста домашен терен пред петтиот меч во Сан Франциско.

Стеф Кари постигна неверојатни 43 поени (14/26 од игра со дури 7 тројки!), десет скока и четири асистенции.

Првата четвртина помина прилично балансирано од двете страни, а Воините подобро го стартуваа вториот период и првпат се одлепија на +5 поени предност. Бостон возврати преку Џејлен Браун и Маркус Смарт во ситуација кога Џејсон Тејтум се уште се бараше во овој период од средбата.

Во тимот на Стив Кер доминантна партија имаше Ендрју Вигинс, а Драјмонд Грин не беше расположен за игра.

Во третата четвртина, онаа во која Голден Стејт секогаш го крши отпорот на противникот, Стеф Кари имаше прав блесок за да во четврта четвртина и натаму го води својот тим до пристојна предност.

Селтикс успеа да се врати по поените на Роберт Вилијамс, Смарт и тројката на Ал Хорфорд кој намали на 100:97 на една минута до крајот но следуваше офанзивен скок на Грин и поени на Кевон Луни за +5 од кои Бостон не успеа да се врати до крајот.

Покрај лидерот Кари, кај Голден Стејт Клеј Томпсон запиша 18 поени, Ендрју Вигинс 17 поени и 16 скокви, Џордан Пул придонесе со фантастична партија и 14 важни поени.

Кај „детелините“ Тејтум и покрај многу промашувања (8/23 од игра) имаше 23 поени, 11 скока и шест асистенции, Џајлен Браун учествуваше со 21 поен и шест скокови, Смарт запиша 18 поени со пет асистенции, а 16 поени уфрли Дерик Вајт.

11 јуни 2022 - 10:26