Клубот каде втора сезона настапува Перо Антиќ, Форбс проценува дека вреди 830 милиони долари и го сместува на 22 место. Според пишувањата на Блумберг бизнисменот Реслер ќе стане сопственик на Хокси за 730 милиони долари и ќе ги исплати долговите на клубот кои се во износ од 120 милиони долари.
Богатството на 55 годишниот Американец се проценува на 1,43 милијарди долари, а како дел од групацијата која влегува со инвестиции се споменува и името на поранешната НБА ѕвезда Грент Хил кој се најавува како претседател на Хокси.
Ко-сопственикот на Атланта, Брус Левенсон лани беше обвинет за расизам за испратен мејл од 2012 година во кој напишал дека за време на натпреварите на Атланта, салата не може да се наполни со образложение дека белите навивачи не доаѓаат повеќе поради црнците.
Лигата тоа го оцени како навредливо, а Левенстон се извини за мејлот и рече дека ќе ги продаде акциите. За расистички коментари, од НБА му наложија клубот да го продаде и Доналд Стрелинг кој беше газда на ЛА Клиперс.
Хокси сезонава поставија рекорд на Источната конференција со скор од 60 победи и 22 порази, а во плејофот водат 2:0 против Бруклин Нетс. Договор на Мајк Баденхолцер кој е прогласен за најдобар тренер на сезоната се очекува да му биде продолжен и со новите газди.