Антиќ ја тужи њујоршката полиција и бара 25 милиони долари

Перо се одлучил да ја тужи полицијата во Њујорк поради грубото приведување и кршење на човековите права додека играше за Атланта. Тужба ќе поднесе и неговиот поранешен соиграч Табо Сефолоша.

Кошаркарот на Фенербахче ја тужи њујоршката полиција поради насилно приведување, незаконско држење во притвор, напад и кршење на човековите права поради кои доживеал душевна болка. Максималниот износ кој Перо Антиќ би можел да го земе како обештетување е 25 милиони долари.
„Полицијата во Њујорк призна дека по грешка го уапсила Перо Антиќ. Тие се одговорни за тоа“, кратко изјавил за медиумите во САД, адвокатот на Перо Антиќ, Алекс Спиро.
Антиќ, поранешен кошаркар на Работнички, Црвена звезда и Олимпијакос во април минатата година беше насилно уапсен пред ноќниот клуб „10 АК“ во Њујорк. За време на апсењето неговиот соиграч Табо Сефолоша пружал отпор при што беше повреден и ја заврши сезоната во која Атланта играше историско финале на Источната конференција.
 
Некогашниот македонски репрезентативец сезонава обезбеди Топ 8 со Фенербахче, тим кој рутински ја заврши групната фаза во Евролигата, и е на добар пат да ја освои титулата во турското првенство.