Анализа на Евробаскет 2022: кој потфрли, кој изненади, кој докажа квалитет

Со триумф на Шпанија над Франција 88-76 во големото финале, заврши 41. издание на Евробаскетот 2022. Гледавме сјајни дуели, интересни средби, јаки битки кои го одржаа логорскиот оган на романтичната европска кошарка.

Европските првенства во кошарка секогаш ми биле омилени спортски манифестации и генерално со душа сум чекал да дојде непарна година за да има ново ЕП. Сега испадна ова да биде парна заради Ковид ситуацијата, ама веќе од следното во 2025-та сè ќе си биде по старо. Може да се каже дека поголем дел од случките во детството ми се асоцирани и се водам според Атина 95-та, Барселона 97, Париз 99-та, Истанбул 2001-ва итн.

Вистина е дека се и тоа златните години на (новата) Југославија и дека таква доминација успеа да повтори само Шпанија во последните 20 години. Така што, сакав да кажам дека уште кога заврши финалето 2017та во Истанбул (каде што патем речено бев на лице место) веќе во глава имав проектирано дека следното 2021 (2022) ќе биде уште подобро, со поголем број ѕвезди, со играчи кои 2017-та беа одлични а кои сега се уште подобри. Но, не можам да кажам дека погодив бидејќи во глобала се разочарав од повеќе фактори а ќе се потрудам да елаборирам.

Играчки на хартија имаше 5 НБА супер-ѕвезди од кои во полуфинале видовме само една (Шредер). Јокиќ, Јанис и Лука се веројатно и топ три светски играчи моментално и навистина е голема штета што не ги видовме едни против други. Во подготвителните натпревари имаше дуел Јокиќ-Јанис и Јокиќ-Дончиќ ама пак друго е кога би се играло на една топка, на еден посед или па за медал.

Тренерите на трите екипи од кои најмногу се очекуваше не успеаа да постават игра во која некој друг освен овие тројца ќе може да блесне. Тука првенствено мислам на Пешиќ кој дојде со статус на легенда повторно на местото селектор и кој се трудеше на секој прес да биде интересен, да кажува вицови и да реплицира на новинари а во принцип ја пропушти големата слика и не успеа да створи компактна екипа.

Имаа проблеми и со повреди во текот на турнирот, ама тоа што веројатно српската јавност нема да го преболи и моментот што Тео воопшто не беше дел од екипата и што беше тргнат на срамен начин. Не дека со него резултатот немаше да биде сличен, ама човек што 15 години играл за репрезентација, МВП на Еврокуп, некој со реноме и збор кај играчи, судии, делегати итн. да не го земеш ни како 12-ти играч е крајно безобразно.

Не држи вода приказната дека тој бил суетен, немал да сака да биде играч од втор план и замена за Мициќ. Баш напротив, верувам дека и за него ќе беше предизвик да биде капитен на за него веројатно последно ЕП и да крене трофеј. Да не навлегувме во натпреварите поединечно бидејќи тоа е веќе преџвакана тема, ама општо на Србите им фалеа бекови шутери, крилни центри кои ќе бидат редовна поддршка на скок и одбрана и без две такви битни линии во екипата многу е тешко да се ослониш само на Јокиќ кој колку и да е генијалец пак не може да игра и да победува сам.

Кај Словенците беше слична приказната бидејќи се зависеше од Лука, а разликата од пред 5 години до сега е што екипите веќе знаат како да подготват контра-игра за останатите. Драгиќ се врати од репрезентативна пензија и имаше солидна улога ама далеку од најдобрата игра од 2017-та. Останатите од кои се очекуваше да бидат поддршка како Муриќ, Зоран Драгиќ, Блажич, Препелич, Чанчар итн. не беа на некое ниво кое се очекуваше.

Исто така за разлика од 2017-та кога го имаа Рендолф како константен на целото првенство, сега малце се мачеа со Мајк Тоби кој иако е одличен и интелигентен играч сепак не им донесе разлика. Веројатно најслабата карика ја имаа и тие на клупата во вид на тренерот Секулиќ кој не се постави како авторитет, кој на некои тајмаути не можеше да дојде до збор од Драгиќ и Дончиќ, кој веројатно има супер знаење и искуство ама не успеа да направи компактност и да ги поврзе линиите. Искрено не верував дека Полска ќе го добие тоа ¼ финале ама одиграа машки, без респект, со 40 минути притисок на цел терен и словенците не можеа никако да го свртат тој меч.

За мене веројатно најголемо изненадување е раната елиминација на Грција. Да не ги редам сите играчи и кој што се има освоено, да не спомнувам дека Итудис е сигурно во топ 3 европски тренери последните 10-тина години, да не се навраќаме на физичката моќ на таа екипа која е во ситуација да сврти натпревари за 2-3 минути. Ама, налетаа на шутерски расположената Германија која по дифолт кога игра дома е сосема друга екипа соживувајќи се со трибините и целата атмосфера.

Грците немаа одговор на ритамот на Шредер, не можеа да ги сопрат тројките од сите страни и генерално психички паднаа при крајот иако во првото полувреме дадоа 61 поен. Германија успеа да ги забави, да ги натера да не трчаат толку играјќи позициони напади каде што освен Јанис сите други играчи не можат да бидат доминантни во 1 на 1 играта. И фалеше на оваа екипа некоја 4ка од типот на Принтезис кој може да се извлече и надвор, ама и да биде голема поддршка во рекетот.

Без класична 5-ка освен Папајанис и со многу крила и бекови играа интересна и динамична кошарка низ целото првенство, ама наидоа на расположен противник. Без Јанис таа екипа реално ќе се бореше да помине група, а со него беше главен претендент за злато. Сепак, се покажа исто како и во случаите со Лука и Јокиќ дека мора тимски да се игра, мора да има уште минимум двајца разиграни играчи кои ќе постигнат 15-20 поени и дека не може да се ослонат сите на инвивидуалниот квалитет.

Од друга страна шпанците покажаа како треба сето тоа да изгледа на еден ваков турнир. Без големи ѕвезди, со играчи претежно од Ендеса лигата + некој со НБА искуство и секако квалитетен американец како Зо Браун беа испратени без многу помпа и надеж. Ама, Скариоло е стар волк и успеа да ги собере редовите во екипата која тој ја води до 4то злато во последните 6 ЕП-а. Импозантно!

Таа екипа е генерално составена од играчи 93-97 годиште кои низ младите категории играле заедно каде што во глобала немале многу успех. Ама, битното е дека останале заедно, се познаваат, секој викенд играат едни против други и секој си ја знае улогата. Екипата ја красеше голема дисциплина, страшна одбрана и веројатно најголемиот тимски дух од сите други репрезентации.

Со вкупно 1 (еден) играч од Реал и Барса заедно тие имаа скор 8-1 на првенствово и заслужено си освоија без никаква дамка. Руди веројатно е пандан на српскиот Тео (или обратно) па се виде како играч кој е епизодист, ама кој е добар за соблекувална, има респект кај противници и судии, може да биде и те како корисен за екипата со 36-37 години, милион повреди и 15-тина минути во просек. Сликата од дресот на Љуљ свртен наопаку во кој тој го крена пехарот е за мене сликата на целото првенство. Какво другарство, каков дух и заедништво!

Не можам да не се навратам на Скариоло кој навистина изигра докторски. Големо реноме, уште поголеми резултати зад него, но се уште со невидена глад за победа. Иако шпанската јавност не беше одушевена од тоа што американец ќе игра нив, па дури и некои бивши и сегашни играчи беа против тоа, сепак се знае чија е последна и кој одговара за резултатите.

Скариоло и Браун соработуваа заедно во Торонто, таму освоија и прстен пред некоја сезона а сега Лоренцо доби пасош бидејќи шпанците со повреден Рубио, Чачо Родригез пред пензија, повредени Љуљ и Абринес, навистина беа тенки на бековската линија. Браун е неколку години одличен во Евролига и имаше супер сезони каде и да играше, ама сега уште повеќе се покажа дека ако е воден адекватно може да биде клучен играч.

И најголема срамота е што не го прогласија за МВП кога сам ги доби и Литванија и Германија, а богами и 11 асистенции во финале на ЕП не се мала работа. Ама веројатно не сакаше ФИБА да има американец МВП на ЕП па најдоа соломонско решение тоа да биде Вили. Инаку околу Скариоло уште нешто да додадам само дека мајсторот менуваше тактика за одбрана од минута во минута, комбинираше зона-човек во ист напад за противникот, забрзуваше и забавуваше игра како му текне и реално тренерски успеа да ги надмудри сите со кои се соочи. Реално и противниците на другите клупи беа послаби како на хартија така и во пракса, ама се покажа дека добар тренер = половина екипа.

Позитивен впечаток за мене е секако Германија која има супер состав и генерација каде што Шредер не дивееше, си ја најде улогата и каде што со една модерна кошарка заслужено стигнаа до медал. Тоа се играчи кои се во НБА, Евролига и секако сосема солидното германско првенство и не знам зошто беа потценувани пред стартот на ЕП кога се знае дека германците дома играат секогаш со 200%.

Полска исто е позитивно изненадување иако мислам дека круна на оваа нивна генерација е ¼ финалето со Словенија. Искрено не верувам дека може ваков успех да повторат во следните години ама позитивно е што имаат тимски дух без многу индивидуалци и општо доста вложуваат во кошарката и генерално спортот.

Како заклучок од целото првенство останува жал за некои дуели што не ги видовме, останува уште поголема тага што судии од рангот на жупаниска лига им судат на НБА ѕвезди (изјава од Круно Симон), но и ќе паметиме како шпанците створија од никаде една нова генерација која сигурно ќе им трае минимум 6-7 години, како некои великани како Литванија, Србија и Грција треба да се запрашаат до каде им е кошарката, но и како ако имаш доста спортска среќа, убав жреб и голема упорност можеш да стигнеш до финале како Франција (без намера да им го девалвирам успехот).

Макотрпната работа, трудот и залагањето секогаш ќе го победат чистиот талент и тоа е што што екипите кои имаат суперѕвезди треба да си го увртат во глава пред следното големо натпреварување а тоа е СП следната година. Верувам дека и таму ќе има добар баскет, а и генерално американците ќе дојдат во не толку доминантен состав како на последните светски смотри па ете уште една прилика кошаркарскиот свет да ги спушти на земја.

Марко Хиниќ

20 септември 2022 - 10:54