Рекордни кладилничарски изненадувања

Македонскиот фудбал памети неколку големи изненадувања (пр. Андора-Македонија 1:0), но тоа не е ништо во споредба со изненадувањата на некои натпревари од светскиот фудбал од кои најмногу настрадале кладилниците.

Во историјата на Вилијам Хил, една од најстарите и најпознати кладилници во светот, најголемите изненадувања на кои тие некогаш исплатиле добивка датираат уште од 50-те години од минатиот век. Тоа е победата на САД над Англија со 1:0 во 1950-та година и победата на Унгарија над Англија и тоа на Вембли со 3:6 во 1953-та година. Коефициентите за победите на САД и Унгарија на овие натпревари биле 501.

Со истиот коефициент (501) е забележана и добитна уплата на кладење во живо во 2004-та година. Тотенхем тогаш имаше водство од 3:0 на натпревар од ФА Купот, но Манчестер Сити и со играч помалку успеа да направи голем пресврт и да слави со 4:3.

Во кладилницата Betfair рекордниот коефициент на кладење во живо е 1.000. Уплатата на рекордниот коефициент била извршена на две минути пред крајот на натпреварот помеѓу Интер и Сампдорија во 2005-та година. Интер тогаш губеше со 0:2, но во последните минути успеа да победи со головите на Мартинс, Виери и Рекоба. Среќникот тогаш уплатил 1 фунта.

Претходниот рекорд бил во 2003-та година кога на Светското првенство за фудбалери до 17 години, Камерун губеше со 0:5 од Португалија, но на крајот успеа да израмни на 5:5. Коефициентот за нерешено кога била извршена уплатата изнесувал 550.

16 ноември 2012 - 10:05